Голема прослава и воодушевување владееше на улиците на градот Рим на 31 јули 2018 година, кога се собраа повеќе од 60.000 министранти на возраст помеѓу 13 и 23 години од цел свет.
Во Рим пристигнаа во рамките на своето XII. меѓународно ходочастие, чиј врв беше средбата со папата Фрањо на плоштадот Свети Петар. Мотото на средбата е земено од 33 псалм, а гласи: „Да бара мир и да врви по него.“ (Псалм 34, 15)
Министрантите кои учествуваат во таа иницијатива на Меѓународниот сојуз на министранти (Coetus Internationalis Ministrantium (CIM)), кој ги собира епископските делегати и луѓето заинтересирани за пасторал со министранти, доаѓаат од 19 земји. Најмногу се од Германија, а доаѓаат и од Белгија, Франција, Велика Британија, Хрватска, Луксембург, Австрија, Португалија, Романија, Русија, Швајцарија, Србија, Словачка, Чешка, Украина, Унгарија и САД, и дури две делегации од Антигва и Барбуда.
Светот обележан со популизам и национализам на цел глас повикува мир, а ние сакаме да придонесеме за таа општа желба тргнувајќи токму од младите генерации, за да живееме во свет без ѕидови и бариери – рече епископот од Зрењанин Ладислав Немет претседател на спомнатиот сојуз, зборувајќи на конференцијата за печат на која е претставена иницијативата.
Средбата со Папата
Голем број ангажмани се предвидени за тоа меѓународно ходочастие кое завршува на 3 август. Младите заедно со своите епископи имаат многу разнолика програма која опфаќа литургиски славења и заедничка молитва, посети и излети, ужина на отворено, исповеди и разговори за животот, и заеднички дружења на повеќе од 300 места во Рим.
Меѓутоа врвот на тој настан е средбата со папата Фрањо која оваа година се поклопува со празникот на свети Игнациј Лојолски, основач на Дружбата Исусова на која припаѓа Папата. Но сето тоа се случува и со поглед свртен на претстојната епископска синода која ќе биде посветена на младите и Светскиот ден млади во Панама во 2019 година.
Заедништво и мир
Поклоничкото патување на министрантите го продлабочува идентитетот на верата, го зајакнува заедништвото и им ја покажува на младите општата димензија на нивната служба – рече епископот Стефан Осрет претседател на Комисијата за млади на Германската епископска конференција. Освен тоа – додаде – се надевам исто така дека ќе помогне сите учесници да сфатат дека пристапот до Литургијата и до големата заедница Црквата навистина може да биде важно за живиот однос на верата и за однос со Христос.
Сигурен сум – додаде – дека меѓународната карактеристика на тоа поклоничко патување ќе биде важен знак на разбирање меѓу младите христијани од целиот свет. И се надевам дека многу од нив ќе бидат квасец на мирот и хармонијата наспроти неслогата и ксенофобијата во нивните земји и приликите во кои живеат – истакна епископот Остер.
Ватикан њуз/к.мк