Меѓународна конференција за прогонетите христијани од Блискиот Исток

Меѓународна конференција за прогонетите христијани од Блискиот Исток

По повод одбележувањето на втората годишнина од средбата во Хавана меѓу папата Фрањо и Патријархот Кирил, во Виенската архиепископија се одржа меѓународна конференција за прогонетите христијани од Блискиот Исток.

Форумот се одржа на 12 февруари, во организација на католичката архиепископија на Австрија, и Одделот за надворешно црковни врски при Московската патријаршија, Папскиот совет за култура и Министерството за култура на Руската Федерација.

По воведниот говор на архиепископот на Виена кардинал Кристоф Шонборн, симболичeн домаќин на средбата, Волоколамскиoт митрополит Иларион од Московската патријаршија претстави извештај за ситуацијата на прогонетите христијани, сочувството на патријархот Кирил за нив и активностите на Руската православна црква за помош на браќата и сестрите од Блискиот Исток. Во контекст на спроведувањето на планираните активности од Хавана, беше презентиран каталог со 30 цркви, манастири и христијански гробишта во Сирија, чија реставрација може да започне во најскоро време. „Прашањето за враќање на нормалниот живот во Сирија е приоритетно за Московската патријаршија во контекст на меѓуконфесионална соработка“, изјави шефот на Одделот за надворешни врски на Московската патријаршија. „Само преку взаемната соработка меѓу Црквите можат да се надминат најболните последици од конфликтот и да се врати меѓурелигиската рамнотежа која постоела на Блискиот Исток со векови“. Со таа цел, потсети митрополит Иларион, претставниците на Руската Православна Црква учествуваа како набљудувачи на Националниот конгрес за дијалог во Сирија, одржан во Сочи на 29 и 30 јануари.

Кардиналот Курт Кох, од Папскиот совет за единсвто на христијаните, ги информираше учесниците за хуманитарната активност на Католичката црква на Блискиот Исток, особено во Сирија и Ирак, посветувајќи го најголемиот дел од својот говор на христијанското мачеништво.

Лично сведоштво сподели ерменскиот примас и епископ на Дамаск, Армаш Налбандјан, кој зборуваше за состојбата на христијаните во Сирија. Според епископот, 60% од локалните христијани останаа без покрив над главата, и само во ерменската заедница убиените христијани се 200, ранети 450, киднапирани 120 и илјадници уништени домови; 70 христијански цркви уништени до темел, а повеќе од 50 згради се сериозно погодени од борбите. Епископот Налбандјан ги повика христијанските цркви да ги поддржат иницијативите за да го спасат христијанското присуство на Блискиот Исток, не само материјално, туку и преку молитва. На крајот, ерменскиот примас изрази благодарност до православните и католиците за нивната помош и солидарност.

РВ/к.мк

 

Категорија: Вести, Свет

За авторот