На 15 мај 2025 година, папата Лав XIV го прими на приватна аудиенција во Ватикан Врховниот архиепископ Киевско-галициски, Свјатослав Шевчук, поглавар на Украинската источно-католичка црква.
За време на средбата, која се одржа во библиотеката на Апостолската палата, украинскиот архиереј му се заблагодари на Папата за зборовите на поддршка изговорени во недела, 11 мај, за време на молитвата „Царице небесна“. Обраќајќи се пред верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“, Лав XIV потсети на страдањата на украинскиот народ, повика на „вистински, праведен и траен мир“, како и на ослободување на сите затвореници и враќање дома на децата одземени за време на конфликтот.
Како што е наведено во пораката на Секретаријатот на Украинската источно-католичка црква, зборовите на Папата станаа „вистински духовен мелем за ранетата душа на украинскиот народ“.
Во знак на благодарност, надбискупот Шевчук му подари на Лав XIV симболична слика насловена како „Молитва-реквием“, која ги прикажува страдањата на украинскиот народ. Автор на сликата е уметникот Богдан Пилипов, татко на украински војник кој загинал во војната.
Ватикан њуз/к.мк