На плоштадот „Свети Петар“ се собраа 40.000 млади Италијанци за јубилејниот настан „Ти си Петар“, посветен на мирот. Младите учествуваа во молитва, слушаа сведоштва за верата и обраќање на кардиналот Матео Зупи и латинскиот ерусалимски патријарх, кардиналот Пјербатиста Пицабала.
Црквата ве прегрнува
„Чувствувајте се прегрнати вечерва од целата Црква, која со радост, сочувство и доверба гледа на свежината и спонтаноста на вашите животи.“ Со овие зборови, кардиналот Матео Зупи, претседател на Италијанската бискупска конференција, им се обрати на младите за време на свеченото исповедање на верата. Настанот беше дел од Јубилејот на младите и се одвиваше во молитвена и духовна атмосфера, облагородена со музика, читање од Светото Писмо и сведоштва на верата. Посебно беше изразена духовна солидарност со оние што страдаат во воените подрачја.
За време на проповедта, кардиналот Зупи одговори на видеопораката од кардиналот Пицабала и на евангелскиот текст од Матеј, каде што Христос му ги предава клучевите од Царството Небесно на апостолот Петар: „Човештвото мора да стави крај на војната, или војната ќе стави крај на човештвото.“
Разоружајте ги срцата
Кардиналот Зупи го насочи вниманието кон „лудите крстови создадени од луѓе кои произведуваат оружје за убивање“, кои уништуваат сè што дарува живот, дури и болниците. „Црквата стои под Крстот, со очи полни солзи и срце прободено од толкаво страдање“, рече тој.
Зупи подвлече дека и денес има безброј жртви и војни кои уништуваат животи. Потсети на зборовите на папата Лав XIII, кој повика на мир што е „невооружен и разоружувачки“.
Надоврзувајќи се на ова, упати силен апел: „Да ги разоружаме нашите срца, за да можеме да ги разоружаме срцата и рацете на светот, да ги излечиме раните и да спречиме нови конфликти!“
Кардиналот изрази загриженост за свет во кој луѓето почнуваат да ги гледаат другите како непријатели и мислат дека можат да живеат без нив. Го осуди и сè поизразеното чувство на рамнодушност кон страшната моќ на нуклеарното оружје.
Светлина среде мракот – Пицабала од Ерусалим
Во видеообраќањето од Ерусалим, кардиналот Пјербатиста Пицабала зборуваше за страдањата во Појасот Газа, каде што гладта се шири. „Среде тоа уништување и таа мрачна ноќ што не завршува, верата е суштинска“, истакна тој.
„Болката е вистинска, но во таа болка сме повикани да донесеме утеха и надеж.“ Патријархот ги спомена бројните луѓе во Газа и Израел кои се „носители на светлината“, кои одбиваат да се предадат на очајот, и избираат да живеат заедно, наместо во изолираност.
Пицабала ја истакна посветеноста на бројни добротворни организации, верски заедници и волонтери од различни вери, кои веќе придонесуваат за обнова на надежта. Тие, рече тој, се сведоци на јубилејниот дух, кои светат како светилници и покрај темнината што ги обвива.
„Да се свртиме кон нив,“ повика тој, „за да се подготвиме за денот кога ќе мора да ги обновиме уништените домови и да го залечиме распарченото општествено ткиво.“
На крајот, кардиналот потсети дека Црквата е повикана да биде присутна во овие борби преку дијалог – дури и кога тој е тежок и полн со напнатост – како што беа сведоци и првите апостоли. Како Петар, и ние сме повикани да зборуваме со зборови кои градат, што отвораат хоризонти и што создаваат простор за доверба.
Ватикан њуз/к.мк