Мораме да се чувaме отровот кој го произведува нашиот сопствен јазик да не нѐ убие нас самите…
Сократ бил познат како мудрец. Еден ден го побарал еден човек и му рекол:
„Знаеш ли што сѐ слушнав за твојот пријател?“
„Момент“, одговорил Сократ, „пред да ми раскажеш би сакал да поминеш еден брз тест. Дали тоа што сакаш да ми го кажеш пред тоа го помина низ три сита?“
„Три сита?“
„Да“, одговори Сократ, „пред да кажеш некои работи за другиот, добро е да си земеш малку време и да го просееш тоа што сакаш да го кажеш. Тоа го нарекувам тест од три сита! Првото сито е ВИСТИНАТА. Дали провери дека е вистина тоа што сакаш да ми го кажеш?”
„Не, не сум. Не сум видел, само слушнав како зборуваат.“
„Добро! Не знаеш дали е тоа вистина. Да се обидеме повторно: ќе се обидеме да го просееме поинаку, сега ќе го земеме ситото на ДОБРИНАТА. Тоа што сакаш да ми го кажеш за пријателот, дали е нешто добро?“
„Не, сосема спротивно! Слушнав како твојот пријател лошо се однесувал.“
„Според тоа,“ продолжи Сократ, „сакаш да ми кажеш лоши работи за мојот пријател, а не си сигурен дали тоа е вистина. Тоа и не е многу охрабрувачки! Ти сѐ уште можеш да го поминеш тестот, бидејќи остана уште ситото КОРИСНО. Дали е корисно да ми раскажеш сѐ што направил мојот пријател? “
„Корисно? Па и не, не верувам дека тоа би можело да ти кориси.“
„Па“, заклучи Сократ, „тоа што сакаш да ми го кажеш не е вистина, не е ниту добро, ниту корисно, па тогаш зошто би ми го кажал. Не сакам ништо да знам од тоа што сакаше да ми го кажеш, и тебе ќе ти биде подобро сето тоа да го заборавиш.“
Напишал: Платон, пред 2 500 години
Од Библијата: „А така и јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува; и јазикот е оган, свет полн со неправда; јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот. Зашто секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припитомува од човечкиот род, а јазикот никој не може да го скроти: тој е немирно зло и полн со смртоносен отров.“ (Јаков 3, 5-8)
Битно.нет/Тања Стојанова/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк