Христијаните секогаш престанувале со работа за да се помолат напладне. Во времето на апостолите оваа молитва се нарекувала молитва на „шестиот час“, сметајќи од изгрејсонце. И свети Петар молел пладневни молитви кога го примил видението од Бога (Дела 10, 9).
Мојсеј имал долг живот, преполн со драматични моменти. Еден од таквите, со право најпознат момент, ја раскажува приказната за неговата улога во големата битка помеѓу Израелците и Амаликијците. Бидејќи веќе бил прилично стар, Мојсеј ја набљудувал битката од најблискиот рид. „И кога Мојсеј ги креваше рацете угоре – надвладуваа Израилците, а кога ги спушташе рацете – надвладуваа Амаликијците.“ (2 Мој. 17, 11). На половина од битката Мојсеј се изморил и рацете почнале да му паѓаат. Затоа неговиот брат Арон и неговиот пријател Ор му ги поткренувале рацете да бидат мирни сѐ до крајот на битката. Израелците секако, победиле.
Ние кои не ја поседуваме големината на Мојсеј можеме исто така да се измориме на половината од нашите секојдневни борби. Поради тоа на пладне застануваме за да се поткрепиме со молитвата. Традиционалната католичка пладневна молитва се нарекува Ангелски поздрав (Angelus). Таа е молитва за два или повеќе гласови – редови со одговори, пропратени со молење на „Радувај се Маријо“ – но која може да се моли и самостојно.
Редовите и одговорите се библиски, а се преземени од настаните за Исусовото зачнување според кажувањето на евангелистот Лука (1, 26 – 28 и 1, 38) и Иван (1, 14). Па така, на пресвртот на денот, ние се присетуваме на пресвртницата во човековата историја: моментите кога ангелот ѝ се јавил на жената Марија и ѝ рекол за Божјата накана да Го испрати Месијата како нејзино дете. Целата таа историја после тоа и сето создадено зависело од нејзината согласност.
Angelus на латински значи „ангел“ и е првиот збор со која започнува оваа молитва на латински јазик. Ова е нејзиниот вообичаен превод:
Ангел Господов ја поздрави Марија
И Таа зачна по Светиот Дух
Радувај се Маријо… Света Маријо…
Еве слугинка сум на Господа
Нека ми биде по зборовите твои
Радувај се Маријо… Света Маријо…
И Словото стана Тело
И се всели меѓу нас…
Радувај се Маријо… Света Маријо…
Моли се за нас света Богородице.
Да бидеме достојни на ветувањата Христови.
Да се помолиме. Ти се молиме, Господи, влеј ја во нашите души твојата благодат. Преку поздравот на ангелот го спознавме овоплотението на Твојот Син, Господ наш Исус Христос. По неговите страдања и смртта на крстот да бидеме приведени кон славата на воскресението преку Христа нашиот Господ. Амин.
Иако католиците Ангелското поздравување најчесто го молат напладне, некои го молат и во шест часот наутро и во шест часот навечер. Поради тоа црковната камбана на Ангелот Господов во тој час чука. (Во средниот век поради оваа причина било обичај на црковните камбани да се изрезба името на ангелот Гаврил).
Во текот на педесет дена од воскресната недела до Духовден, Ангелскиот поздрав го менуваме со молитвата Царице небесна (Regina Caeli) која се моли во истото време.
Царице небесна, радувај се, алилуја!
Оти Тој Кого достојно го носеше, алилуја!
Воскресна како што сам рече, алилуја!
Моли се за нас при Господа, алилуја!
Радувај се и весели се, Дево Маријо, алилуја!
Оти воскресна Господ, навистина, алилуја!
Да се помолиме. Господи, кој си го зарадувал светот со воскресението на својот Син, Господ наш Исус Христос, дај ни, Ти се молиме, преку Неговата Мајка Дева Марија да ја постигнеме радоста на вечниот живот. Преку Христос нашиот Господ. Амин!
Христијаните секогаш престанувале со работа за да се помолат напладне. Во времето на апостолите оваа молитва се нарекувала молитва на „Шестиот час“, сметајќи од изгрејсонце. И свети Петар ја молел попладневната молитва кога го примил видението од Бог (Дела 10, 9).
Исус исто така е распнат во шетиот час (Лк 23, 44), со раширени раце како на Мојсеј, на еден друг рид. Тој молел истрајно и се вознесел како победник, дури и над смртта.
Првите христијани се сеќавале на овие библиски случувања и примери додека ги молеле своите вообичаени пладневни молитви, според Тертулијановите забелешки, дури во вториот век.
Ако попладне почнеме да слабееме или се изморуваме, или станеме незадоволни поради колегите или семејството, ако сме обесхрабрени затоа што сите се против нас, можеме да погледнеме на Марија и да спознаеме дека можеме да се потпреме на помошта од ангелот и провидноста Божја, која за нас има план. Како Мојсеј, и ние можеме да се обновиме, со натприродна помош, со нашата молитва и да бидеме сведоци на Божјата помош во нашите срца во остатокот од денот.
Пребарувајте во своето срце
Тоа што мораме да го кажеме во молитвата „Ангел Господов“ би требало да биде само едноставен, но искрен поттик за да продолжиме со неговото традиционално молење кога и да е тоа возможно. „Ангелското поздравување“ не треба да биде изменето поради неговата едноставна структура, неговата библиска карактеристика, неговата историја која го поврзува со молитвата за мир и сигурност, и поради неговиот литургиски ритам кој посветува различни моменти во текот на денот, и зошто нè потсетува на воскресното таинство во кое се присетуваме на воскресението на Синот Божји, кој го молиме да нè поведе „низ својата мака и крстот до славата на своето воскресение“. Овие причини ни овозможуваат Ангелското поздравување, покрај тоа што поминале векови, и понатаму да ја има истата вредност и недопрена свежина. Вистина е дека сите поедини обичаи традиционално поврзани со молењето на Ангелското поздравување исчезнале или многу тешко е да можат да продолжат да постојат во модерниот живот, но тоа се само случајни делови. Вредноста на размислувањето за таинството на овоплотеното Словото, за ангелскиот поздрав на Девицата и за влијанието на нејзиното милостиво застапување останува непроменето. И покрај тоа што околностите на времето се променети, за повеќето луѓе карактеристичните делови останале непроменети – наутро, напладне и вечерта – делови кои означуваат период на нивните активности и сочинуваат повик да застанеме на молитва.
Папа Павле VI/Битно.нет/к.мк