Затворена Годината на милосрдието во Скопска бискупија

Затворена Годината на милосрдието во Скопска бискупија

На 13 ноември 2016 година во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје со свечена Миса предводена од катедралниот парох дон Давор Топиќ беше затворена Светата година на вонредниот јубилеј на милосрдието.

Во пригодната проповед дон Топиќ рече: „Како покраинска црква во Македонија предводена од пастирот бискупот Киро, во заедништво со сеопштата Црква на чие чело е Петар на нашите денови папата Фрањо, оваа година го славевме вонредниот јубилеј на Годината на милосрдието. Зборот милосрдие во оваа година ги проникнуваше нашите средби и пасторалната работа и со силата на милоста придонесуваше за нашата духовна обнова. Тоа беа убави моменти на заедништво од кои сакам да издвојам два големи настани: доаѓањето на Државниот секретар на Светиот Престол Н.Е. кардинал Пиетро Паролин и канонизацијата на света Мајка Тереза – мисионерка на милосрдието. Доаѓањето на кардиналот Паролин е убав гест на светиот Отец папата Фрањо кој при оваа посета на неговиот прв соработник искажа татковска љубов и близина. Тоа беа настани во кои примивме зборови на вера и охрабрување, како Црква и како држава.

Татковинската прослава Денови на света Мајка Тереза кои една недела, во чест на канонизацијата на света Мајка Тереза и Миса на плоштадот во Скопје беа благодарна молитва и убаво сведоштво на нашата вера и заедништво. Покрај останатите настани, овие два настани, секој на свој убав начин, се врежаа во историјата на животот на Црквата во Македонија. Милосрдието е пат кој го соединува Бога и човекот и нашите грешни срца ги отвора кон надежта дека сме љубени засекогаш. Нека живеењето на оваа Година на милосрдието биде сила и поттик за раст во светоста и милосрдието.“

Со своето литургиско пеење мисата ја анимираа катедралниот хор и младинскиот бенд Агапе.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот