Започнале подготвка за венчавка, но Бог имал други планови

Започнале подготвка за венчавка, но Бог имал други планови

„Прво што кажавме беше „не“ и утврдивме дека тоа е лудо затоа што навистина имавме прекрасна свршувачка и веќе купувавме работи за венчавката.“

Пред да го откријат својот монашки и свештенички повик, дон Хавиер Оливера и с. Марие де ла Сагесе, планирале да се венчат, но Бог им ги променил плановите.

Во разговор за католичката информативна агенција АЦИ Пренса, раскажаа како нивниот однос се развивал од првите денови, па сѐ до моментот кога откриле дека имаат повик за посветен живот.

Дон Хавиер се присети дека до својата деветнаесетта година не бил практичен верник, но тогаш со својата пријателка, денес монахиња, во разговор дошол до темата чистота која ја сметал за измислица на Црквата.

„Таа го изложи начелото на чистотата од перспектива на верата и разумот, толку добро што тоа остави впечаток на мене. Сретнав жена која знае во што верува и која истовремено беше многу паметна,“ раскажува дон Оливера.

Набрзо после тоа, започнале да излегуваат, а своите средби ги збогатувале со читање на исти книги, со одење на конференции на католички автори – богат културен живот со музика, литература и филозофија, но и со раст во верата.

„Започнавме да ја практикуваме верата, да се молиме, да одиме на неделна света Миса. Поголемиот дел од тоа беше благодарение на неа. Бог беше главната причина, но таа беше неговиот инструмент,“ рече свештеникот, додавајќи  како започнале и заедно да молат света Бројаница.

Сестра Марие де ла Сагесе од своја страна истакна дека кај својот тогашен дечко најмногу го ценела „вистинското трагање за вистината без страв од последиците.“

По две години дружење, одлучиле по завршувањето на своите студии да се венчаат, но тогаш се случил настан кој имал големо влијание на продолжетокот на нивните животи.

Братот на сестра Марие одлучил да влезе во богословија, а на двајцата свршеници ги убедил да ги одведе таму. Се договориле дека ќе останат неколку днеови во областа каде што била сместена богословијата, за тој да ги посети своите пријатели кои биле таму, а таа своите пријателки од блискиот манастир.

По враќањето од таму, разговарале за тоа како нејзиниот брат се откажал од важната кариера и од можноста да има семејство, што ги поттикнало да се замислат над прашањето што би се случило ако Бог и нив би ги повикал на посветен живот.

„Прво што кажавме беше „не“ и утврдивме дека тоа е лудо затоа што навистина имавме прекрасна свршувачка и веќе купувавме работи за венчавката,“ се присети дон Оливера.

И покрај тоа како што неделите поминувале во душата му останало присутно размислувањето за свештеничкиот повик „Како би можел да знам дали најдобриот пат за мене е свештеничкиот живот или бракот? Каде би можел да направам најмногу добрини?“, биле прашањата кои го мачеле и морал да ги сподели со својата свршеница, која му признала дека и таа мисли за истото.

Монахот кој бил духовен водач на тогашните свршеници им нагласил дека дилемата која ги загрижува секој поединечно треба да ја разгледа пред Бог, нагласувајќи дека „никој не може да ѝ попречува на душата.“

„Тоа беше долг период на размислување, од најмалку две години,“ раскажа сестра Марие, „додека Бог јасно не ми го покажа посветениот живот и јас не можев да се сомневам дека од мене го бараше ова целосно посветување.“

Откако ги завршиле студиите двајцата се посветиле на своите повици. Пред десет години тој е ракоположен за свештеник во бискупијата „Сан Рафаел“, додека таа ги положила вечните завети во конгрегацијата на Сестрите на Милосрдниот Исус.

„Го сметам за посебна милост тоа што двајцата бевме повикани речиси во исто време. Толку убаво и промислено од божествената Провидност која ништо не пропушта. А тоа што навистина го ценам е што сè уште сме пријатели, и тоа не само ние, туку и нашите семејства,“ заврши сестра де ла Садесе, осврнувајќи се на нивната прекрасна приказна.

Битно.нет/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот