Задушница: Црквата не ги заборава своите покојни

Задушница: Црквата не ги заборава своите покојни

Задушница е ден кога Црквата нè повикува на молитва за нашите покојни. Ден кога пред Бога ги носиме имињата, лицата и спомените на оние што пред нас заминале од овој свет, но останале запишани во нашето срце. Родители, браќа и сестри, роднини, пријатели, добротвори, свештеници, верници, сите ги предаваме на Божјото милосрдие и љубов.

Во Црквата саботата има посебно место како ден на молитвен спомен за покојните. Црквата, како грижлива мајка, не ги заборава своите чеда ни по нивното заминување од овој земен живот. Затоа во текот на годината постојат посебни задушни саботи, кога богослужбата и молитвата се посветени на упокоените.

Со молитвата за покојните, всушност исповедаме дека животот не завршува со смртта и дека човекот е создаден за вечност. Христос умре и воскресна, и токму затоа христијанинот пред гробот стои со солзи, но и со надеж. Болката поради разделбата е голема, но поголема е надежта дека Божјата милост е посилна од смртта.

На Задушница обично се моли панихида, молитва во која Црквата го моли Господ да ги упокои душите на покојните таму каде што нема болка, тага и воздишки, туку живот вечен. Господ ги знае сите, и оние што ги спомнуваме по име, и оние за кои можеби никој повеќе не се моли.

Не случајно Црквата молитвата за покојните ја поврзува и со милостиња. Затоа на Задушница кога ќе запалиме свеќа, нека биде придружена со молитва, покајание и дело на милосрдие. Да простиме некому, да искажеме дарежливост кон некој во потреба, материјална или духовна, да посетиме болен, да нахраниме гладен. Така споменот за покојните станува благослов и за живите.

Овој ден, ако размислиме потемелно, ќе забележиме и дека нè поучува. Пред гробовите многу подобро сфаќаме што е вистински важно во животот. Климајќи со главите само потврдуваме дека богатството, кариерата, кавгите се ништожни, невредни, непотребни. Затоа на задушница добро е да се прашаме: како живееме, што оставаме зад себе, дали нашето срце е подготвено за средба со Бога?

Да ги спомнеме денес нашите покојни и да ги довериме на Христос, Кој е воскресение и живот. Да се молиме за нив, но и да живееме така што еден ден и нас некој ќе нè спомне со благодарност и молитва.

Господи, упокој ги душите на Твоите слуги, прости им ги сите прегрешенија, свесно или несвесно направени и дарувај им вечен спомен во Твоето Царство. Амин.

го*ко

Категорија: Вести, Размислување

За авторот