Денешниот Литургиски спомен за душите на сите починати верници го исполнува нашиот ум и нашето срце со многу лица и мили спомени. Можеби, никогаш како овој ден, мислејќи на оние кои ни претходеле во овоземскиот живот. Со силата која верата ни ја дава повторуваме дека смртта не ги прекинува односите помеѓу оние кои во доблеста на Крштението формираат едно Тело, Христовата Црква.
Сите ние сме членови на мистичното Тело Христово и засекогаш остануваме такви, како овде на земјата така и во вечниот живот. Така научува и Соборот „сѐ додека Господ не дојде во неговата слава, попратен од сите ангели негови (сп. Мт 25,31) и, додека не биде уништена смртта, и нема да му бидат подложени сите работи (сп. Кор 15, 26-27), некои од неговите ученици се патници на земјата, други, завршувајќи го овој живот, сѐ уште се очистуваат, додека други уживаат во славата, јасно контемплирајќи го Троединиот Бог каков што е“ (ЛГ 49). Ова е условот на Црквата: таа е веќе присутна со оние кои се во Небесната слава, таа е во исчекувањето со оние кои се очистуваат, и таа е со нас како патничка. Затоа, сите оние кои преку Светиот Дух припаѓаат на Христос, сите меѓу себе се обединети во Него.
„Всушност единството на оние кои сѐ уште се на земјата со починатите во Христовиот мир ни најмалку не е прекинато; туку напротив, според постојаната вера на Црквата таа е консолидирана преку размената на духовните добра“.
Помеѓу нас и нив не постои бездна, туку напротив, бдее заедништвото на светците, т.е. разменувањето на духовните добра.
Нашата молитва им помага на душите на починатите кои го извршуваат делото на сопственото очистување. Големата мистичарка света Катерина од Џенова (1447-1510), имала единствен дар од Бога да ги контемплира состојбите на душите во Чистилиштето. Тие се наоѓаат нурнати во огнот на божествената љубов и живеат едно задоволство кое може да се спореди само со она на светиите во Рајот. Огнот ја уништува р’ѓата на гревот, и на тој начин и овозможува на душата да и се отвори на божественото влијание. Ова е нивното очистување. Душите во чистилиштето, знаејќи за каква средба се повикани и сѐ уште гледајќи ги своите несовршености, доброволно се подложуваат на божествениот оган; тие сметат дека очистувањето е чисто дело на љубовта Божја за нив. „Ако е вистина дека душите во Чистилиштето уживаат големо задоволство, во исто време страдаат во голема казна, така што едното не ја спречува другата“.
Оние кои се наоѓаат во состојба на прочистување, тие се поврзани и со Светците во Рајот, кои веќе потполно го уживаат вечниот живот, како и со нас кои во овој свет сме на пат кон домот на Отецот. Како во земскиот живот верниците се обединети помеѓу себе во единственото мистично Тело, така после смртта оние кои се во состојбата на прочистување ја искусуваат истата црковна солидарност која делува во молитвата, во правото на глас и во љубовта на другите браќа во верата. Очистувањето во Чистилиштето се одвива под знакот на црковното заедништво: се живее во суштинската врска на оние кои веќе ги уживаат вечните блаженства и на оние кои живеат во сегашниот век.
Црквата-патничка на земјата, познавајќи го добро ова Заедништво на целото мистично Тело на Исус Хрситос, уште од првите времиња на христијанството со голема набожност го негувала споменот за покојните и, „затоа што е света и за поздравување мислата да се молиме за покојните со цел да бидат избавени од гревовите“ (2 Мак 12,46), и на нив им даде право на глас.
Правото на глас е пред сѐ дарувањето на Христовата жртва во светата Литургија, но исто така и вежбањето во делотворната љубов, особено кон сиромашните, делата на покајание и на умртвување. Во кругот на заедништвото на светците овие духовни добра на големо уживаат кај душите во Чистилиштето, тие се дела на братската загриженост во нивната споредба сѐ додека не ја достигнат полнотата на нивното очистување и додека не станат вечно среќни.
Но исто така и нашите покојни иако дефинитивно се насеочени кон Бога, не нѐ забораваат нас овде на земјата. Нѐ помагаат. Тие, во мерата на која самите себе се очистуваат, сѐ повеќе се приближуваат до Бога и, во Христос нашиот посредник, се залагаат за нас. Затоа дефинитивно да го контемплираме возвишеното Добро кое силно ја поддржува нашата потрага за доброто. Обвиени од божествената љубов, која во нив ја изгорува р’ѓата на гревот, ни помагаат да не паднеме таму. Така се покажуваат дека се наши браќа, грижејќи се за нашето вечно спасение.
Не е само афектот, љубовта, пријателството што не приврзува со нив, туку тоа е животот на благодатта, за која секогаш во Црквата направеното добро од еден член на мистичното Тело оди во духовна корист на сите. (…) Литургискиот спомен за душите на покојните денес ни го става на ум овој прекрасен план кој Бог го поставил за корист на своите чеда. Нѐ спасува од себегубењето во хоризонтот на овој свет и високо го држи нашиот поглед кон Небесната Татковина. Додека се молиме за сите оние кои во радостта и во казната се подготвуваат за дефинитивната средба со Бога, да се довериме исто така и ние на нивната братска грижливост, која на ист начин ја потпомага нашата слабост.
монс. Марко Долди/З.А.