Во недела 5 февруари 2017 година во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, се служеше света Миса предводена од бискупот Стојанов, а по повод заветниот ден посветен на света Мајка Тереза, „Секој 5-ти во месецот. На овој заветен ден присуствуваа поклоници од парохијата „Успение на Пресвета Богородица“ – Нова Мала предводени од парохот о. Спасо Спасов и капеланот о. Ванчо Назов, како и верниците од парохијата „Свети Иван Крстител“ – Струмица предводени од парохот о. Гоце Костов и капеланот о. Атанас Сирачев.
Во пригодната хомилија бискупот Стојанов зборуваше за своето искуство кое го имаше за време на посетата Ад Лимина (Ad limina apostolorum) во Рим. Исто така ги запозна верниците за пријатната и срдечна средба со Светиот Отец, папата Фрањо, пренесувајќи ги неговите поздрави до Црквата во Македонија. Во разговорот Светио Отец папа Фрањо истакнал дека сака да ја посети Македонија, при што верниците со голема радост ја примија оваа информација. Понатаму бискупот Стојанов ги запозна верниците за текот на посетата „Ад Лимина“, на која членовите на Епископската конференција по тој повод ги посетуваат Конгрегацииите и Папските институции, поднесувајќи извештаи, ги споделуваат плодовите и убавите настани и со заеднички сили бараат решенија за предизивиците со кои се соочуваат бискупиите.
После светата Миса следуваше Обожавање на светата Причест и чествување на моштите на света Мајка Тереза. Литургиското славење го збогати катедралниот бенд на млади „Агапе“
к.мк/д.Д.Т
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк