Епископот Стојанов на празникот на светите врховни апостоли Петар и Павле служеше во Скопската катедрала

Епископот Стојанов, во недела 29 јуни 2025 година, на празникот на светите врховни апостоли Петар и Павле, според Грегоријанскиот календар, служеше Света Понтификална Миса во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ во сослужение на о. Анте од Шибеник-Хрватска и о. д-р Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас,
Во својата проповед монсињор д-р Киро Стојанов меѓу другото рече: „Со силата на Божјото вдахновение и милостивата отвореност на Божјиот Дух, Петар го отфрли светот на мислата и се одлучи за јасно исповедање на Христовата божественост, со што стана темел на кој Исус ја изгради својата Црква, која дури и ниту врата пеколна нема да ја надвладее. Затоа, да бидеме и ние со силата на верата во Христа Господа цврсто изградени на оваа вистина – Петар, за да можеме самите да се спротивставиме на нејасниот свет на мислата, стоејќи на страната на божествената вистина. Да го исповедаме Христовото божество со Петар за да не нè совладаат портите на пеколот, туку да постигнеме вечен живот со влегување низ портата на небесното царство, за што Христос му ги доверил клучевите на Петар.“
Во продолжение додаде: „Апостолот на народите, свети Павле, првиот евангелизатор на Македонија на чие светилиште во Паљурци, познато како Чуката, посветено на Марија Утешителка, веќе три години по ред се случуваат несекојдневни феномени, кои за сега остануваат необјасниви, за себе ќе рече: „Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со своите слабости за да се всели во мене силата Христова. Затоа уживам во слабости, во навредување, во маки, во прогонување, во тага за Христос, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен“. (2 Коринтјаните 12,9-10).
„Скромноста на овие двајца врховни апостоли, Петар и Павле, нека ни бидат пример и поука и нека ни послужат и нам во нашиот живот да останеме скромни, а, сепак, силни во духот на вистината“ заклучи монсињор Стојанов.
За време на светата Литургија пееше Катедралниот хор под диригентство на маестро Јулија Нелковска.
к.мк