Епископот Стојанов во Нова Маала: Слушањето и исполнувањето на Божјото слово е пат до спасението

Епископот Стојанов во Нова Маала: Слушањето и исполнувањето на Божјото слово е пат до спасението

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, по повод патрониот празник на парохијата „Успение на Пресвета Богородица“ во Нова Маала, во петок, 28 август 2026 година, служеше света архиерејска Литургија. Со епископот Стојанов сослужуваа свештеници од Струмичко-скопската епархија и Скопска бискупија, а ѓаконираше ѓаконот Спасе Спасов.

На светата Литургија присуствуваа и сестри Евхаристинки, предводени од провинцијалната настојателка сестра Бернардина, сетсри на свети Винко Павлески, како и бројни верници од Нова Маала и од други парохиски заедници.

Во својата проповед епископот Стојанов истакна дека силната вера и довербата во Божјото слово се темелот на големината на Пресвета Богородица и пример за секој христијанин.

Осврнувајќи се на читањата од Посланието до Филипјаните и од Евангелието, тој нагласи дека Христос преку својата послушност кон Отецот покажува дека исполнувањето на  Божјата волја е најсигурен пат до спасението

Говорејќи за евангелскиот настан со Марта и Марија, епископот посочи дека Исус го истакнува слушањето на Божјото слово како „подобриот дел“. Токму во тоа, рече тој, се открива и вистинската големина на Богородица, која целиот свој живот го градела врз верата, послушноста и довербата во Божјото слово.

„Марија најнапред го примила Христос со вера и послушност кон Божјото слово, а потоа станала и Негова Мајка“, истакна епископот Стојанов, нагласувајќи дека нејзиниот живот покажува оти слушањето на Божјото слово мора да биде проследено и со негово исполнување.

Во контекст на празникот Успение на Пресвета Богородица, епископот потсети дека Марија е знак на христијанската надеж, бидејќи во нејзиното прославување Црквата ја гледа и надежта за сопственото воскресение и вечен живот.

На крајот од проповедта тој ги повика верниците да размислат какво место има Божјото слово во нивниот секојдневен живот и дали, покрај бројните грижи и обврски, умеат да одвојат време за светата Литургија, молитвата и слушањето на Господовиот глас.

На крајот од светата Литургија, парохот отец Ѓорги Динов му се заблагодари на епископот Стојанов за присуството, заедништвото и архиерејската служба по повод патрониот празник на парохијата, како и на сите кои придонесоа овој празник да биде посвечено прославен.

По завршувањето на светата Литургија во дворот на црквата епископот Стојанов го проследи настапот на КУД „Бежанци“ од Нова Маала.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот