Епископ Стојанов служеше света архиерејска Литургија во Чанаклија по повод патрониот празник
Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Кирил Стојанов, на празникот на свети великомаченик Георги, 6 мај 2026 година, служеше света архиерејска Литургија во Чанаклија, по повод патронниот празник на тамошната филијална црква.
Со епископот Стојанов сослужуваа свештеници од Струмичко-скопската епархија и Скопска бискупија, а на Литургијата присуствуваа верници од Чанаклија и околината.
Во својата проповед, епископот ја истакна верата и храброста на свети великомаченик Георги како пример за секој христијанин. Тој нагласи дека свети Георги сведочел за Воскреснатиот Христос и дека неговото мачеништво и денес ги повикува верниците да останат верни, смели и истрајни во верата.
Осврнувајќи се на историјата на црковната заедница во Чанаклија, епископот Стојанов потсети на жртвата и сведоштвото на верниците при изградбата на црквата, како и на нивната верност кон Христос и Црквата. Тој ги охрабри присутните, по примерот на свети Георги, да се борат против злото, стравот и неправдата и да ја живеат верата со надеж во победата на Воскреснатиот Христос.
На крајот од светата Литургија, парохот отец Ванчо Назов му се заблагодари на епископот Стојанов за присуството, молитвената поддршка и грижата што ја покажува кон оваа црковна заедница.
Свеченоста продолжи со заедничко агапе во дворот на црквата.
Ватикан њуз/к.мк

