Претставници на европските помесни цркви при Бискупската синода поканети се на состанок на крајот на август во Линц, Австрија, за размена на мислења за темите на синодата.
Основа за дискусија за време на тридневната работилница ќе биде работниот документ („Instrumentum Laboris”) за Генералното собрание на Синодата, кој дотогаш треба да го подготви Секретаријатот на Синодата во Ватикан. Ова го соопшти пасторалниот теолог од Линц, проф. Клара Цисзар во интервју за Kathpress во вторник, 7 мај 2024 година. Средбата ќе се одржи од 29 до 31 август во Католичкиот приватен универзитет во Линц.
Иницијативата за средбата произлезе меѓу учесниците на Синодата и теолошките експерти за синодските прашања, кои веќе учествуваа на првото Генерално собрание на синодата во октомври минатата година во Рим.
„Како и на другите континенти, дијалогот се одвива меѓу сесиите“, рече проф. Цисзар, која учествуваше на Синодата како теолошки експерт, а е член на организацискиот одбор на работилницата во август.
Останатите членови на организацискиот одбор се потпретседателот на Советот на европските бискупски конференции (CCEE), белградскиот надбискуп Ладислав Немет и синодските експерти проф. Кристоф Теобалд од Париз и проф. Миријам Вајленс од Ерфурт.
Како што објасни проф. Цисзар, експлицитна поддршка за средбата во Линц даде кардиналот на Куријата Марио Грех од Секретаријатот на Синодата во Ватикан, а состанокот е поддржан од CCEE и Австриската бискупска конференција. (…)
„Целта на средбата е врз основа на новиот документ „ Instrumentum Laboris“ да се влезе во дијалог меѓу себе како претставници на локалните цркви во Европа и да се разговара за синодалноста, мисијата и иднината на Црквата во Европа“, објасни таа. „Истовремено, нема да има толку многу теологија во преден план, туку дијалог за иднината на Црквата во Европа“, додаде проф. Цисзар.
Повикот е упатен до вкупно околу 120 луѓе од цела Европа. Покрај членовите на Синодата со право на глас, поканети се и теолошки експерти и модератори кои учествуваа на Бискупската синода во октомври, а ќе бидат и на завршната седница во Ватикан. Пријавите за средбата се примаат до 12 мај.
Ватикан њуз/к.мк