Во пресрет на доаѓањето на славењето на Велигден, претседателот на Советот на епископските конференции на земјите во Европската унија (COMECE), кардиналот Жан-Клод Холерих и претседателот на Советот на европските епископски конференции (CCEE) кардинал Анџело Бањаско ги повикаа сите католици да ја шират пораката на надеж палејќи свеќи на своите прозорци за време на Пасхалното бдение.
„Тоа е мал, но значаен и симболичен гест на надеж во овој историски и драматичен час во кој милиони луѓе во Европа и во остатокот на светот се погодени од големо страдање и од неизвесноста заради пандемијата од вирусот Ковид-19, нагласуваат двајцата водачи на Католичките цркви во Европа.
Оваа иницијатива исто така има за цел зајакнување на чувството на заедништво во Европската унија и во сите европски земји. Моменталната атмосфера на страв нè поттикнува на поголема претпазливост кон другиот, кој се доживува како можна опасност. „Повеќе од било кога – нагласуваат двајцата кардинали, мора да ги негуваме браздите на братството: заедно и обединети можеме да ја надминеме оваа неволја.“
Уште на 12 март 2020 година, кога Светската здравствена организација официјално прогласи пандемија причинета од коронавирусот, двајцата водачи на Црквите упатија заедничка молитва до Бог барајќи помош, утеха и спас.
Во таа прилика на двајцата кардинали им се придружи папата Фрањо изразувајќи ја близината на Црквата со сите оние кои се борат со пандемијата: жртвите, нивните семејства и со сите здравствени работници, волонтерите и верниците кои се на првата линија на одбраната, грижејќи се за погодените и донесувајќи им утеха.
Ватикан њуз/к.мк