Духовна обнова за девојки и млади жени во Скопје

Духовна обнова за девојки и млади жени во Скопје

На 16 декември 2016 со почеток во 19 часот во куќата на сестрите Евхаристинки се одржа духовна адвентска обнова за девојки и млади жени. На средбата присуствуваа 10-тина девојки во придужба на дон Јошт Мезег, скопски викар и сестрите Евхаристинки кои се присутни во Скопската парохија.

Оваа средба ја предводеше г-ца Марта Пониковска, симпатизер на друштвото Опус Деи (Божје дело). Темата на оваа духовна обнова беше насловена: „Биди убава во ова адвентско и божиќно време“

Средбата најпрво започна во капелата, каде што имаше читање во кое беа поставени прашања за секојдневната работа: дали го посветуваме на Бог тоа што го работиме, дали го работиме во слава на Бог со љубов или тоа го правиме единствено за задоволување на наши земски потреби.

Потоа оваа обнова продолжи со предавање од страна на г-ца Пониковска. Таа зборуваше за целокупната убавина на младата жена католик која се состои од внатрешен и надворешен дел. Младата жена католик треба подеднакво да се грижи и за својата надворешна и за својата внатрешна убавина. Како што оди на педикир еднаш во три недели, така треба да оди и еднаш во три недели на исповед. Младата жена католик треба да се грижи за својата душа не наштетувајќи ѝ преку очите, ушите, устата и срцето. Исто така, таа нагласи дека младата жена католик треба да внимава и на своето облекување, таа треба да биде пристојно и достојно облечена, а во исто време ќе биде и привлечна.

Понатаму таа го претстави животот и делото на о. Хосемарија Ескрива, основател на друштвото Опус Деи преку кое тој истакнувал дека светоста не е возможна само за свештениците и монахињите, туку дека сите луѓе се повикани на светост и дека секојдневниот живот е пат кон светоста, без разлика дали една жена е домаќинка или вработена жена.

Г-ца Пониковска ги советуваше девојките дека четирите главни крепости: разумност, праведност, умереност и храброст можат да помогнат во грижењето за внатрешната убавина.

На крајот напомена дека младите девојки католици треба да бидат католици насекаде: и во Црква; и во училиште; и во универзитет; и на работа; и дома; и во друштво… А најважно од сè е да бидат радосни зашто со тоа тие даваат сведоштво.

Средбата заврши со заедничко дружење на кое сите искажаа желба во иднина повторно да има ваква слична средба.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Вести, Македонија

За авторот