Папата пристигна во градчето каде што ќе го помине периодот на својот летен одмор. Големи групи верници се собраа за да го поздрават Светиот Отец, чекајќи го со часови. По пристигнувањето, Папата ги поздрави сите присутни, а потоа неочекувано се појави и на балконот на Вила Барберини, упатувајќи уште еден поздрав. Парохот на црквата „Свети Тома“ од Виланова изјави: „Нè пофали за подготвеноста“. Бруни: „Папата е благодарен што може да ја продолжи својата служба на едно толку прекрасно место“.
Папата Лав XIV, во недела 6 јули 2025 година, околу 17 часот пристигна во Кастел Гандолфо – Папската летна резиденција која се наоѓа на 25 километри од Рим – каде ќе престојува на одмор до 20 јули, а потоа и неколку дена во август.
Пристигнувањето на Светиот Отец предизвика големо воодушевување кај присутните. Верниците почнаа да се собираат пред влезот на Вила Барберини уште од раното попладне, каде што Папата ќе престојува за време на летото. Меѓу присутните имаше бројни новинари, монахињи од различни земји, семејства со деца, туристи и локални жители. Петровиот наследник запре со автомобилот веднаш по пристигнувањето, излезе за да ги поздрави присутните, ги благослови децата и се поздравувапе со верниците.
Средба со парохот на папската парохија
Парохот на папската парохија „Свети Тома“ од Виланова, дон Тадеуш Розмус, изјави дека Папата им се заблагодарил на сите за топлиот пречек, упатувајќи зборови на охрабрување и благодарност. „Беше отворен, насмеан, топол“, изјави парохот. Во оваа парохија, Римскиот епископ ќе го предводи евхаристиското славење во недела, на 13 јули.
По влегувањето во резиденцијата, следуваше уште едно изненадување. Папата накратко се појави на балконот од вилата и уште еднаш ги поздрави присутните, што предизвика нов бран на воодушевување.
Благодарност на Папата
Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол Матео Бруни, соопшти дека имал можност накратко да го поздрави Светиот Отец при неговото пристигнување во Кастел Гандолфо, истакнувајќи дека Папата е благодарен за можноста во наредните денови да се среќава со луѓето и да ги продолжи своите активности на едно толку прекрасно место.
Ватикан њуз/к.мк