Денес Црквата го слави раѓањето на свети Иван Крстител

Денес Црквата го слави раѓањето на свети Иван Крстител

Денес Црквата го слави празникот на раѓањето на свети Иван Крстител, а на 29 август/11 септември ќе го одбележи споменот на неговото мачеништво. Нема друг светец, освен Пресвета Богородица, за кого Црквата ги слави и раѓањето и преминот во вечноста. Обично, кај светителите се слави нивното „небесно раѓање“, односно денот на нивната смрт.

Исус Христос, Синот Божји, има посебно место во литургискиот живот на Црквата, со славењето на Неговото раѓање на Божиќ и со споменот на Неговата спасителна смрт на Велики Петок. Исто така, Црквата го слави и раѓањето на Пресвета Богородица на 8/21 септември, како и нејзиното Успение на 15/28 август.

Самиот Исус рече: „Вистина ви велам, меѓу родените од жена нема поголем од Иван Крстител.“ – Матеј 11,11

Иван беше последниот од големите пророци на Израел, првиот што јасно сведочеше за Исус, оној што проповедаше покајничко крштение за простување на гревовите и кој Го крсти самиот Господ. Тој беше и маченик, кој го даде својот живот бранејќи ја вистината и Божјиот закон.

Уште во 4 век наоѓаме литургиско одбележување на свети Иван Крстител, кое се славело на различни датуми. Датумот 24 јуни е утврден врз основа на Евангелието според Лука, каде што за Елисавета се вели дека е во шестиот месец од бременоста. Тоа значи шест месеци пред Божиќ. Од 6 век, овој празник бил придружен и со бдение.

А на Елисавета ѝ дојде времето да роди, и таа роди син. И чуја оние, што живееја околу, и роднините нејзини, дека ја увеличил Господ Својата милост над неа, и се радуваа со неа. На осмиот ден дојдоа да го обрежат младенецот, и сакаа да му го дадат името на татка му Захарија. Но мајка му одговори и рече: „Не, туку да се нарече Иван!” И рекоа нејзе: „Никој нема во твојот род, кој се вика со такво име.” И го прашаа со знаци татка му, како би сакал да го наречат. Тој побара штичка и ги напиша зборовите: „Јован му е името.” И сите се зачудија. И веднаш му се одврзаа устата и јазикот негов, и зборуваше, благословувајќи Го Бога. И се уплашија сите што живееја околу; и прикажуваа за сето тоа по целиот крај Јудејски. Сите, што чуја, го зедоа тоа при срце и велеа: „Што ли ќе стане од тоа дете?” И раката Господова беше со него.- Лука 1,57-66

Чудење

Луѓето биле восхитени од ова дете, како и од фактот дека Елисавета и Захарија, во поодминати години и долго време без деца, добиле син. Но нивното восхитување било просветлено од верата. Затоа тие го земале при срце она што го слушнале и виделе, и Го славеле Бога.

Нивното чудење било придружено со свеста дека не разбираат сè. Прашањето што го поставиле било сосема природно.

„Што ќе биде ова дете?“

Ако тие разбирале сè, тогаш немало да остане простор за Божјото дејствување.

Папа Фрањо, размислувајќи за овој празник, рече дека раѓањето на Иван Крстител е опкружено со радосно чувство на восхит, изненадување и благодарност. Верниот народ чувствува дека се случило нешто големо, иако скромно и скриено. Луѓето се способни да ја живеат верата со радост, со чувство на восхит, изненадување и благодарност.

Папата тогаш нè повика да се запрашаме дали и ние чувствуваме восхит кога ги гледаме Господовите дела, кога слушаме за евангелизацијата или за животот на некој светец. Дали сме способни да ја почувствуваме утехата на Светиот Дух или сме затворени во себе.

Името

Оние што биле присутни при обрежувањето сакале детето да го добие името на својот татко, Захарија. Но се случило нешто необично. Елисавета се вмешала и рекла дека неговото име мора да биде Иван.

Тоа било името што самиот Бог го посочил преку ангелот.

„Не плаши се, Захарија, твојата молитва е услишана. Твојата жена Елисавета ќе ти роди син, и ќе му го дадеш името Иван.“ – Лука 1,13

Захарија најнапред покажал недоверба кон Божјото ветување, поради што останал нем. Но сега, послушен на Божјата волја, го потврдува името што Бог го избрал. Со тоа започнува нова приказна.

Можноста

Евангелскиот текст ни помага да разбереме што се отворило со раѓањето на Иван. Жена во поодминати години, сметана за неплодна, раѓа син. Стар и нем човек повторно проговорува. Овие два знака сведочат дека таму каде што за човекот сè изгледа невозможно, за Бога секогаш постои можност.

Затоа пророкот Исаија потсетува: „Еве, правам нешто ново. Веќе изникнува, зар не го забележувате?“ – Исаија 43,19

Раѓањето на свети Иван Крстител нè учи дека Бог дејствува и тогаш кога сè изгледа затворено, доцна или невозможно. Тој ја отвора утробата на неплодната жена, го отвора јазикот на немиот татко и го отвора срцето на народот за да го препознае Неговото присуство.

Иван доаѓа како претходник, како глас што подготвува пат, како сведок дека Бог не го заборава својот народ. Неговото раѓање е знак дека милоста Божја веќе се приближува, а со него започнува последната подготовка за доаѓањето на Христос, Спасителот на светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот