По разорната експлозија во Бејрут маронитските епископи повикаа сабота 8 август да биде ден на молитва и пост за жртвите, нивните семејства, ранетите, здравствените работници и безбедносните сили.
На крајот од состанокот кој се одржа преку Фејсбук на 5 август 2020 година во центарот на маронитскиот патријарх во местото Димане на северот од земјата, маронитските епископи истакнаа дека ќе се молат за жртвите, нивните семејства, оздравување на ранетите, здравствените работници и безбедносните сили. Порачаа дека е неопходно пожртвувано да се работи за општото добро и повторна изградба на Либан во земја на слобода, братство и правна држава. Се надеваме дека сите сме дораснати за тоа – истакнуваат епископите.
Состанокот со кој претседаваше патријархот Бехара Раи беше поради катастрофата во бејрутското пристаниште, која се случи на 4 август, каде во две силни експлозии загинаа повеќе од 100 лица и се повредени повеќе илјади луѓе, стотици илјади луѓе останаа без покрив на главата. Во знак на солидарност Црквата ќе ги отвори парохиите, манастирите и сите нејзини установи и сите сили ќе ги упати за помош на оние во потреба – истакнато е на состанокот.
Кардиналот Раи упати апел до државните и верските поглавари во целиот свет и многумина веднаш се одзваа. Апел упати и либанскиот сунитски голем муфтија шеик Абдул Латиф Деријан, повикувајќи ја меѓународната заедница, а посебно арапскиот свет да помогне Либан да ги излекува раните. На крајот од Генералната аудиенција во среда 5 август 2020 година папата Фрањо се обрати на сите општествени, политички и верски субјекти и упати молитва за жртвите и нивните семејства.
Ватикан њуз/к.мк