Дали Исус имал ангел чувар?

Дали Исус имал ангел чувар?

Ако секој човек има ангел чувар што го чува, оправдано е да се запрашаме дали и Исус, Кој стана човек за спасение на светот, имал ангел чувар.

Во Книгата Излез читаме: „Еве, испраќам ангел пред тебе, за да те чува по патот и да те доведе до местото што ти го приготвив.“ – Излез 23,20

Црквата учи дека секој човек има ангел чувар. Но дали Исус, кога ја прими човечката природа, имал и свој ангел чувар?

Свети Лука пишува дека за време на молитвата на Маслиновата Гора, ангел Му се јавил на Исус и Го крепел.  -Лука 22,43

Овој стих може да нè наведе да помислиме дека тоа бил Неговиот ангел чувар. Сепак, бидејќи Исус е Син Божји, Нему не Му е потребен ангел чувар. Напротив, сите ангели на небото Му служат Нему.

Самиот Исус во Евангелието сведочи дека би можел да Го замоли Отецот и Тој веднаш би Му испратил повеќе од дванаесет легиони ангели. sп. Матеј 26,53

Што тогаш треба да заклучиме?

„Ова е навистина христолошко прашање“, објаснува отец Пол Денизо, ректор на Светилиштето на Пресвета Богородица од Монтлижеон и познавач на учењето за ангелите.

„Исус навистина имаше човечка природа, но Тој е божествена Личност, како што особено нагласува Халкидонскиот собор. А ангелот чувар не е поврзан со природата, туку со личноста. Бидејќи Исус е Бог, Нему не Му е потребно ангелите да Го чуваат, зашто Тој е Оној што ги создава и ги испраќа.“

Затоа, според отец Денизо, ангелот што Го крепи Исус на Маслиновата Гора не треба да се разбере како Негов ангел чувар во истата смисла како кај луѓето. Тој е знак на целиот ангелски свет, кој е присутен и вклучен во часот на Христовото страдање.

Исус не е човек на кој му е потребна ангелска заштита како нам. Тој е Господ на ангелите. Но, во Својата човечка природа, во Гетсиманија, Тој прифаќа утеха и крепост во часот на најдлабока мака.

Токму тоа ни ја открива длабочината на Воплотувањето. Божјиот Син навистина влегува во човечката слабост, страв и страдање, но останува Господ Кому Му служи целото небо.

Алетеја/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот