Можеби ни изгледа дека знаеме која е смислата на Божиќ, но ако се одлучиме да влеземе подлабоко во таинството на Овоплотувањето ќе откриеме изненадувачки работи.
Да ја набљудуваме сцената во јаслите. Околу малиот Исус гледаме четири луѓе односно групи на луѓе: Марија, Јосиф, мудреците и пастирите. И ние се наоѓаме покрај малиот Исус, во еден од тие ликови. Дали сме Марија, Јосиф, мудрец или пастир зависи од нашиот однос кон Него.
Пастирите како слика на детето во нас
За почеток да ги набљудуваме пастирите. Тие се селани, припрости и искрени луѓе кои напорно работат. Под нашата модерна надворешност, префинетост и образование, ние сме како и тие. Токму таа обична, скромна душа, детето во нас, се осудува да се надева и да се радува, слушајќи ги ангелите и хорот на небесната слава.
Пастирите престојуваат на отворено. Без заштита од човечките творби, изложени се под небото. Дури и кога се наоѓаме во канцеларија, опкружени со технологија, пастирот во нас е секогаш изложен пред Бог. Од Него неможеме никако да се сокриеме.
Тие чуваат стража. Ноќе, по мракот, будно чекаат и пазат, токму како и малото дете во центарот на нашата душа. Токму во тој мрак се издига рајската утрина. Во таа тишина се слуша песната на ангелите. Данскиот филозоф Кјеркегор рекол, кога би можел да дадам само еден лек на сите болни во модерниот свет, тој би бил тишината. Во бучавата која владее со светот, не успеваме да слушнеме што Бог ни зборува. Затоа создадете моменти на тишина.
Душата како човеки пастир.
Како што пастирите ги чуваат овците, така и нашата душа е одговорна за телото и негово стадо страсти. Во секојдневните борби и искушенија, натприродната милост ни доаѓа на помош преку ангелите. Тие се овде, дури и кога не ги гледаме. Така во Небото ќе ги препознаеме и ќе ја разбереме улогата која ја имале во нашите животи
Славата Господова блесна околу пастирите. Тоа е небесното светло кое се појавило и над Ковчегот на заветот на гората Синај. И сега, само ако веруваме, можеме да го видиме со внатрешните очи.
Пастирите биле исплашени. И ние се плашиме од непознатото – отвореното небо, преминот од еден свет во друг, како што се раѓањето и смртта. Дури и кога ангелот им кажал да не се плашат, настанот не ја загубил величественоста. Наместо страв ги преплавила радост и радосен занес на восхит. Пристигна Радосната вест. Неверојатната вест за Овоплотението е нешто најрадосно и најчудесно што некогаш сме слушнале.
Бог лично го вика секој еден од нас.
Ангелот им порачува на пастирите дека тоа што токму сега се случува е упатено до секој еден од нас. Семоќниот Бог доаѓа во секој обичен човек, доаѓа на нашите полиња, во нашите штали, канцеларии и домови. Тоа не е однапред снимена автоматска порака, Бог лично го вика секој еден од нас.
Пастирите реагираат веднаш и конкретно – ајде во Витлеем! Пораката на ангелот толку била моќна што ги поттикнува луѓето на движење. Впечатливиот говор на Цицерон во сенатот во Рим никој не подигнал на нозе. Од друга страна пак, после Демостеновиот говор на грчката војска, војниците подготвено ги зграпчиле копјата и штитовите и веднаш тргнале во војна. Така е и со пораката на ангелот до пастирите.
Ангелите кои ја навестуваат Радосната вест се како Демостен. Учените, мудреците тргнуваат да истражат што слушнале и виделе. Пастирите на знакот од ангелот исто така тргнале во поход до малиот Исуса. Карл Маркс мудро забележал дека филозофите само различно го интерпретирале светот, а всушност треба да го променат. И лошата религија (Маркс) и добрата религија (Христос) придвижуваат и го менуваат светот.
Пастирите доаѓаат да примат, а не да тргуваат
За разлика од тројцата мудреци, пастирите немале што да Му поклонат на Исуса. Тие се сиромашни, како и ние. Доаѓаат кај Исуса извалкани и однадвор и одвнатре. Тие доаѓаат да примат, а не да тргуваат. Доаѓаат да се восхитат, а не да разберат. Прибегнуваат кон Витлеем за ничкум да се поклонат – да се исполни целта на човековото постоење.
Токму како и ние, на пастирите не им требало да преминуваат долг пат за да Го сретнат. Но, затоа Он преминал бесконечна оддалеченост за да дојде кај нив – од небото на земјата, од вечноста во времето, од вечната радост во бедата, страдањето и смртта. Со целото срце посакувал да ги сретне. Дури и ѕвездите кои сјаеле на небото во таа света ноќ се создадени како украс на таа средба. Тоа што обичните пастири го направиле е највозвишената и најсветата работа која еден светец или верен мистик може да го направи, како на земјата така и на небесата.
Тоа е она што и ние ќе го правиме цела вечност – да го љубиме Бога и да Му се поклонуваме. Време е да почнеме да учиме од пастирите.
Жена Врсна/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк