Да молиме за конкретни потреби на Црквата и светот

Да молиме за конкретни потреби на Црквата и светот

На што одговара слушањето на библиските читања за кои продолжува да се зборува во проповедта – праша папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 14 февруари, одржана на плоштадот Свети Петар, продолжувајќи ја серијата катехези за светата Литургија. Тоа е одговор на правото, духовно право на народот Божји обилно да го прими богатството на Словото Божјо. Секој од нас кога оди на света Миса има право обилно да го прими Словото Божјо, добро прочитано, добро изговорено и потоа добро објаснето во проповедта. Тоа е право! А кога Словото не е добро прочитано, кога ѓаконот, свештеникот или бискупот не проповеда со жар, им го скратува правото на верниците.

Имаме право да го слушаме Словото Божјо – рече Светиот Отец и напомена: Господ говори за сите, за пастирите и верниците. Тој чука на срцата на оние кои учествуваат на светата Миса, без обѕир на нивните животни услови, години и можности. Господ утешува, повикува, поттикнува р’тење на нов и помирен живот. Поради тоа, моментот на тишина после проповедта помага применото семе да се сталожи во душата, како би се родиле одлуки за да се одлучиме за она што Светиот Дух на секој му го предложува. После проповедта потребна е тишина и секој треба да размислува за она што го слушнал.

После таа тишина, како продолжува светата Миса?- праша папата Фрањо и нагласи: Личниот одговор на верата се вклучува во исповедувањето на верата на Црквата која се искажува со Верувам. Сите го молиме Верувањето за време на светата Миса. Кога целиот народ го моли Верувањето, тоа е знак на заеднички одговор на сето она што заеднички сме го слушнале преку Словото Божјо. Постои витална врска помеѓу слушањето и верата. Тие се соединети. Таа вера, поточно, не се раѓа од мечтаење на човечките умови како што потсетува свети Павле, туку таа доаѓа преку слушањето, а слушањето се однесува на Словото Христово. Верата се храни со слушање и води кон светата Тајна. Таквото молење на Верувањето прави народот во Литургијата да се наврати на медитирање и исповедувањето на големите тајни на верата пред да се слават во Евхаристија.

Знакот на верата ја поврзува евхаристијата со крштението кои е примено во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и нѐ потсетува дека светите Тајни се сфатливи во светло на верата на Црквата – рече Папата и истакна: Одговорот на Божјото Слово кое е примено со вера, потоа се искажува во заедничката молитва, која се нарекува Општа молитва, бидејќи ги опфаќа потребите на Црквата и светот. Уште се нарекува и Молитва на верните.

Оците на Вториот ватикански собор намерно ја вратија оваа молитва за да се моли после евангелието и проповедта, посебно во недела и празници, за да се моли заедно со народот за светата Црква, за оние кои владеат, за оние кои се наоѓаат во различни потреби, за сите луѓе и за спасение на целиот свет – рече папата Фрањо и потврди: Значи, под водство на свештеникот кој ја започнува и завршува молитвата народот го изразува своето крштелно свештенство, го моли Бог за спасение на сите. И после поединечните накани, кои ги моли ѓаконот или некој читач, народот заедно моли повикувајќи: „Господи услиши нѐ“.

Поточно, да се присетиме што ни рече Господ: Ако останете во мене и ако моето слово остане во вас, што и да побарате ќе ви се даде – рече Папата и потврди: Ние не веруваме во тоа, бидејќи сме маловерни. Но кога би имале вера – вели Исус – како синапово зрно, ќе добиеме сѐ. Што и да побарате ќе ви се даде.

Во тој момент на Општа молитва после Верувањето – рече Светиот Отец – време е од Господ да ги бараме најголемите работи, работи кои ни се потребни, она што го сакаме. Ќе ви се даде! – на овој или на друг начин – ќе ви се даде! Сѐ е можно за оној кој верува, вели Господ. Што му одговори на човекот на кој му ги упати зборовите: Сѐ е можно за оној кој верува! Одговори: Верувам Господи, помогни му на моето неверие! И ние можеме да кажеме: Господи верувам. Но помогни на мојата невера. Тоа е молитва која мора да ја молиме со духот на верата: Верувам Господи, помогни на моето неверие!

Од друга страна барањата на овој свет не се воздигнуваат кон небото, туку остануваат непостојани, самодоволни барања – рече папата Фрањо на крајот и заврши: Наканите за кои се повикани верниците да молат, мора да бидат глас на конкретни потреби на црковната заедница и светот, избегнувајќи користење вообичаени и кратковидни формули. Општата молитва со која завршува Службата на Словото, нѐ поттикнува да го прифатиме Божјиот поглед, погледот кој се грижи за сите Негови чеда.

Денес започнуваме со Великиот пост – рече Папата по завршувањето на катехезата, обраќајки им се посебно на младите – сакам да го живеете ова време на милост како враќање кај Очевата љубов, кој сите нас нѐ чека со раширени раце. Болните ги охрабри да го принесат своето страдање за преобраќање на сите оние кои живеат далеку од верата, а младенците ги повика своите нови свемејства да ги градат на карпата која е љубовта Божја.

Пред почетокот на Генералната аудиенција, пред да отиде на плоштадот Свети Петар, Папата ги поздрави и благослови болните кој настанот го следеа во салата Павле VI.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот