Ништо не ве спречува во тоа да живеете и растете во пријателството со Отецот Небесен, и на сите да им ја сведочите Неговата бескрајна добрина и милосрдие – истакна папата Фрањо во пораката која на објави на Твитер на 18 август 2017 година.
Со тоа потсети на она што на 7 јуни 2017 година ова година го кажа за време на Генералната аудиенција кога во катехезата за христијанската надеж размислуваше за Божјото татковство како извор на нашата надеж.
Папата, меѓу останатото на присутните верници им ја упати параболата за милосрдниот татко (Лк 15, 11-32), во која Исус ни објаснува дека Бог е Отец, но не на човечки начин, затоа што ниту еден татко на овој свет не би се однесувал како што се однесуваше главниот лик во таа прабола. Бог е Отец на свој начин – рече папата Фрањо – добар, слаб пред човечката слободна волја, способен само да го остварува глаголот да „љуби“. Кога бунтовниот син, откако расипал сѐ што имал, конечно се враќа во родниот дом, тој татко не ги забележува критериумите на човечката праведност, туку пред сѐ чувствува потреба за простување и со својата прегратка му дава до знаење на синот дека му недостасувал во текот на целото тоа долго време на отсуство, дека болно му недостасувала неговата татковска љубов – рече Светиот Отец и додаде: Колку е несфатлива мистеријата со која Бог негува таква љубов кон своите деца!
Папата понатаму вели дека никогаш не сме сами. Можеме да бидеме далеку, непријателски настроени, можеме дури да се изјаснуваме како луѓе „без Бог“ – рече папата Фрањо – но во Евангелието Исус Христос ни открива дека Бог не може без нас: Тој не сака да биде Бог „без човекот“; Тој е Оној Кој не може да биде без нас, а тоа секогаш е голема мистерија! Бог не може да биде Бог без човекот. (…) И таа сигурност е извор на нашата надеж која ја наоѓаме сочувана во сите повици на молитвата Оче наш.
Кога ни треба помош – продолжи светиот Отец – Исус не ни вели да се предадеме на резигнацијата и да се затвориме во себе, туку да се обратиме на Отецот и од Него да го побараме со доверба тоа што ни е потребно. Сите наши потреби, од оние најочигледните и секојдневни, како храна, здравје, работа, сѐ до потребата да ни се прости и да имаме поддршка во искушенијата, не се огледало на нашата осаменост: постои напротив Отец Кој секогаш нѐ гледа со љубов и кој сигурно нема да нѐ напушти – рече тогаш Папата.
РВ/к.мк