Господ сака да се отвориме за патот на животот и за средба со Него; патот на довербата во Него и во воскресението на срцето – истакна Светиот Отец утрото на 2 април 2017 година во проповедта на евхаристиското славење, кое започна нешто по 10:30 часот, на Плоштадот на мачениците.
Господ сака да се отвориме за патот на животот и за средба со Него; патот на довербата во Него и во воскресението на срцето – истакна Светиот Отец утрото на 2 април 2017 година во проповедта на евхаристиското славење, кое започна нешто по 10:30 часот, на Плоштадот на мачениците (piazza dei Martiri), во градот Карпи, каде допатува нешто пред 10 часот.
На гробот на Лазар сѐ изгледа свршено. Гробот е затворен со голем камен. Наоколу плач и неутешност… Па и Исус – како што вели два пати Евангелието – „се нажали“ и на крајот и просолзи. Тоа е Божјото срце: далеку од злото, но блиску до оној кој трпи; не го отстранува злото на магичен начин, туку страда со оние кои страдаат; тоа страдање освојува; го прави свое и така го преобразува – рече Папата.
Забележуваме сепак како Исус среде општата жалост заради смртта на Лазар, не дозволи да биде заведен. Иако и самиот трпи, бара цврсто да се верува; не се затвора во плачот, туку потресен појдува кон гробот. Не се препушта на општата емотивна атмосфера на тага, туку со доверба се моли: „Оче, Ти благодарам“ (ред 41). Исус ни дава пример како да се поставиме: да не бегаме пред страдањето, кое му припаѓа на овој живот, но не дава да го зароби песимизмот – истакна Папата.
Светиот Отец објасни дека околу гробот од едната страна се наоѓа големо разочарување затоа што несигурноста на нашиот земски живот се соочува со смртната вознемиреност, со внатрешен мрак кој изгледа непремостлив. Од друга страна пак надежта, која ја победува смртта и злото и која има свое име: името на нашата надеж е Исус. Тој не донесува некој лек или олеснување за животот малку да се продолжи, туку тврди: Јас сум воскресение и живот! Затоа налага да се отстрани каменот и на Лазар му заповеда да излезе надвор – објасни папата Фрањо.
Папата додаде дека и ние сме повикани да го заземеме своето место: дали на страната на гробот, или на Исусовата страна. Некој се затвора во жалост, а некој се отвора за надежта. Некој останува фатен во животните урнатини, а некој повторно – како вас – со Божја помош ги подигнува и со трпелива надеж повторно ги реконструира.
Папата Фрањо рече дека пред различните животи имаме два пата: тажен или мрачен кон вчерашните или денешните гробови; или пак да го повикаме Исуса да дојде на тие гробови. Секој од нас – продолжи – има свој мал гроб; некој простор од срцето кој е вкочанет; некоја рана, повреда или штета која ја поднел или на друг му ја нанел: омразата која не дозволува помирување, жалост која постојано се враќа или грев кој не успеваме да го надминеме. Да ги воочиме денес во себе тие гробови и токму тука да го повикаме Исус – поттикна Светиот Отец.
Често ни е мило да останеме сами во темните пештери на својата внатрешност отколку таму да го повикаме Исус. Во искушение сме да се бараме сами себе; да размислуваме и потонеме во својата вознемиреност „ликувајќи“ ги своите рани и не свртувајќи се кон Него кој повикува: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мт 11, 28). Да не дозволиме искушението да нѐ затвори и да останеме сами без доверба, плачејќи заради она што ни се случува; тоа е атмосфера на гроб. Господ наместо тоа сака да се отвориме за патот на животот и за средбата со Него; патот на доверба во Него и воскресението на срцето.
Да ги почувствуваме на секој од нас Исусовите зборови упатени на Лазар: „Излези надвор!“ Излези од строгата жалост без надеж; разврзи ги завоите на стравот кој оневозможува одење и конците на слабостите и немирите кои те заплеткуваат, повтори си дека Бог ги разврзува чворовите. Проблеми секогаш ќе има – рече Папата – само што ќе решиш еден, еве ти го веќе следниот. Сепак можеме да пронајдеме една „нова стабилност,“ а тоа е токму Исус Кој е Воскресение и Живот.
Со Исус во срцето влегува радоста; повторно се раѓа надежта; болката се претвора во мир; стравот во доверба, искушението во понуда на љубовта. Иако нема да ни недостасува товарот, овде секогаш е и Неговата рака која подигнува; Неговото Слово кое утешува и вели: Излези надовр! Дојди кај Мене. Не плаши се.
И нам Исус ни зборува: Тргнете го каменот! Колку и да било тешко минатото, голем гревот, силен срамот да не му го попречиме на Господ никогаш влезот. Да го тргнеме пред Него каменот кој не му дозволува да влезе. Ова е соодветно време за отстранување на нашите гревови, наврзаноста на световните празнини, гордоста која ни ја кочи душата – повика папата Фрањо.
Со Исусовата посета и ослободувањето да Го замолиме за милоста да бидеме сведоци на животот во светот кој е жеден; сведоци кои ја подигнуваат и повторно од ново ја подигнуваат Божјата надеж во срцата на многумина кои ги мачи и ги оптеретува тагата. Нашето навестување е радост на Воскреснатиот Господ Кој и денес ни вели: „Еве, Јас ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам, народе мој“ (Језекил 37, 12) – рече на крајот од проповедта светиот Отец.
РВ/к.мк