Од понтификатот на Пио XII, Генералната аудиенција беше и остана за Римските епископи не само можност да зборуваат со целата Црква, туку и можност да ја доживеат радоста на средбата со верниците кои доаѓаат во Ватикан од целиот свет.
Во среда, 29 декември 2021 година, во салата Павле VI во Ватикан се одржа последната Генерална аудиенција на папата Фрањо за оваа година. Во годината која изминува одржа вкупно 42 аудиенции. Името на овие средби го вклучува зборот „Генерална“ ( италијански generale), што укажува дека на нив може да присуствува секој.
Идејата да се обединат средбите со различни групи верници кои се присутни во Ватикан доаѓа од папата Пио XII. Во 1939 година тој започна серија средби секоја среда со нововенчаните парови. Овие средби беа прекинати во 1943 година поради војната.
Оваа традиција ја продолжи папата Иван XXIII, кој на една таква аудиенција на 20 септември 1961 година во Папската летна резиденција во Кастел Гандолфо, во близина на Рим, рече: Радоста ја гледаме во очите, таа се чувствува во гласовите, во срцата. Исто како утрово. Остава впечаток на меѓусебна размена на дарови меѓу таткото и неговите деца: разговор во семејството, пред огништето.
Папата Павле VI започнува Генералните аудиенции да ги одржува на различни јазици, така тој најпрво ги поздрави верниците на италијански јазик за време на првата Генерална аудиенција во неговиот понтификат на 13 јули 1963 година, а потоа го сумираше обраќањето на француски, шпански, германски и англиски јазик. Со тек на времето, бројот на поклоници кои сакаа да учествуваат на Генералната аудиенција се зголеми, па е одлучено да се изгради голема сала за нив, именувана по папата Павле VI. Оваа сала, која беше отворена во 1971 година, е наменета за 12.000 луѓе.
Неговиот наследник, папата Иван Павле II, почна да ги комбинира катехетските учења во циклуси. Познат беше неговиот циклус на катехези за Теологијата на телото, кој траеше од 1979 до 1984 година. Друга традиција што ја воведе папата Војтила е да раскаже за штотуку завршеното Апостолско патување во првата среда по враќањето во Ватикан.
Традицијата на Генералната аудиенција ја продолжи и папата Бенедикт XVI. Неговата последна аудиенција на 27 февруари 2013 година беше историска, бидејќи се одржа ден пред завршувањето на неговиот понтификат. Плоштадот Свети Петар беше преполн со луѓе од целиот свет.
Првата Генерална аудиенција на папата Фрањо се одржа на 27 март 2013 година, при што тој го продолжи циклусот катехези за Годината на верата, кој започна со неговиот претходник. Актуелниот Папа не престана да ги одржува овие средби, дури и за време на строгиот карантин наметнат од пандемијата кога тие се одржуваа онлајн. На вообичаеното почетно обраќање на претходните Римски епископи „Почитувани браќа и сестри“, светиот отец Фрањо додаде и „Добар ден!“.
Ватикан њуз/к.мк