Генерална аудиенција: Црквата е пророштво на мир и единство, која има место за сите

Генерална аудиенција: Црквата е пророштво на мир и единство, која има место за сите

За време на Генералната аудиенција во среда 11 март 2026 година, папата Лав XIV го продолжи размислувањето за догматската конституција за Црквата Lumen gentium и ја нагласи мисијата на Црквата, како Божји народ обединет во Христос.

Во свет обележан со поделби и тензии, Црквата ги обединува своите членови преку верата во Христос и Неговата љубов, и затоа има мисија да им излезе во пресрет на сите, рече папата Лав XIV за време на Генерална аудиенција на плоштадот „Свети Петар.

„Обединета во Христос, Господ и Спасител на секој маж и жена, Црквата никогаш не може да се затвори во себе, туку е отворена за сите и е за сите“, истакна Папата.

„Голем знак на надеж, особено во нашево време обременето со толку многу конфликти и војни, е сознанието дека Црквата е народ во кој жени и мажи од различни националности, јазици и култури живеат заедно во верата“, продолжи тој.

„Таа е знак поставен во самото срце на човештвото, потсетник и пророштво за она единство и мир на кои Бог Отецот ги повикува сите свои чеда“, рече Папата.

Папата Лав XIV ја продолжи катехезата од серијата посветена на документите на Вториот ватикански собор, повторно задржувајќи се на догматската конституција за Црквата Lumen gentium од 1964 година.

Во катехезата од оваа седмица тој размислуваше за сојузот што Бог го воспоставил со Својот народ и што тоа значи за Црквата и за секој христијанин.

„Во Црквата има, и мора да има, место за секого“, рече тој, додавајќи дека „секој христијанин е повикан да го навестува Евангелието и да сведочи во секоја средина во која живее и работи“.

Христос го обединува Својот народ

Папата објасни дека Бог „сака да го спаси секој човек“, па затоа го врши Своето „дело на спасение во историјата“ така што „избира вистински народ и престојува меѓу него“.

Тој потсети дека во Стариот Завет Бог го повикал Авраам, му ветил многубројно потомство, потоа го ослободил тоа потомство од ропство и склучил сојуз со него.

„Идентитетот на овој народ е даден од Божјото дело и од верата во Него“, рече Папата, додавајќи дека „тие се повикани да станат светлина за другите народи, како светилник што ќе ги привлекува кон себе сите народи, целото човештво“.

Во Lumen gentium, објасни Папата, Вториот ватикански собор истакнува дека оваа мисија ја добива својата полна смисла во светлината на „новиот и совршен сојуз, што требаше да се запечати во Христос, и на полнотата на откровението што се дарува преку самото воплотено Божјо Слово“.

„Навистина, тоа е Христос Кој, дарувајќи го Своето Тело и Својата Крв, го обединува овој народ во Себе и на конечен начин“, нагласи тој.

Црквата е Божји народ обединет во Христос

Папата истакна дека ова е идентитетот на Црквата денес: „Божји народ што го црпи своето постоење од Телото Христово и кој и самиот е Телото Христово“. Таа е составена „од жени и мажи од сите народи на земјата“, обединети не преку „јазик, култура или етничка припадност“, туку преку Исус.

„Оние што ѝ припаѓаат не се гордеат со заслуги или титули, туку единствено со дарот да бидат, во Христос и преку Него, Божји ќерки и синови“, продолжи Папата.

Тој нагласи дека „над секоја задача или служба“ во Црквата, најважно е да бидеме „всадени во Христос“ и да бидеме „Божји чеда по благодат“. Тоа е, рече тој, „единствената почесна титула што треба да ја посакуваме како христијани“.

„Затоа законот што ги оживува односите во Црквата е љубовта, како што ја примаме и ја живееме во Исус; а целта е Царството Божјо, кон кое таа чекори заедно со целото човештво.“

Црквата е една, но ги опфаќа сите

Објаснувајќи дека Црквата е Божји народ обединет и избран од Христос, папата Лав XIV нагласи дека мисијата на Црквата и на секој верник е да го рашири Евангелието до сите.

Соборот, преку Lumen gentium, нè потсетува дека „сите луѓе се повикани да му припаѓаат на новиот Божји народ“, што значи дека „овој народ, станувајќи еден и единствен, треба да се прошири по целиот свет и низ сите времиња“, за да се исполни Божјата намера да ги собере сите „свои чеда“.

„И оние што сè уште не го примиле Евангелието, на некој начин, се насочени кон Божјиот народ“, додаде тој, истакнувајќи дека Црквата „е повикана да го навестува Евангелието насекаде и на сите, за секој човек да дојде во допир со Христос“.

Ова ја повикува Црквата да биде отворена за сите, да ги прифаќа различните култури и во исто време „да им ја понуди новоста на Евангелието, за да ги очисти и да ги воздигне“.

„Во таа смисла, Црквата е една, но ги опфаќа сите“, заклучи Папата, цитирајќи го и францускиот Исусовец отец Анри де Лубак: „Единствениот Ноев кораб на спасението мора да ја прими во својот широк кораб целата човечка разновидност.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот