Генерална аудиенција: Христијанската надеж се раѓа во тишината на очекувањето

Генерална аудиенција: Христијанската надеж се раѓа во тишината на очекувањето

Во својата катехеза на Генералната аудиенција во среда, 17 септември 2025 година, папата Лав XIV се осврна на Исус положен во гробот на Велика Сабота, за да нè повика да го препознаеме Божјото присуство и љубов во моментите на чекање во животот, особено во свет кој секогаш брза и тешко застанува и одмора. Бог не се плаши од текот на времето, бидејќи Тој е и Господар на чекањето, рече Папата. Така, дури и нашето „бескорисно“ време на паузи, празнина и бесплодни мигови може да стане утроба на воскресението.

„Во серијата катехези за Исус, нашата надеж, денес размислуваме за тајната на Велика Сабота. Синот Божји лежи во гробот. Неговото ‘отсуство’ е исчекување, задржана полнота, ветување скриено во темнина.“ Со овие зборови, папата Лав XIV ја започна својата редовна катехеза во среда пред неколку илјади верници собрани на плоштадот Свети Петар.

Тоа е ден на голема тишина, во кој небото изгледа тивко, а земјата неподвижна, а токму таму се исполнува најдлабоката тајна на христијанската вера. Тоа е тишина исполнета со значење, како мајчинската утроба што го чува детето кое сè уште не е родено, но веќе е живо. Телото Исусово, симнато од крстот, внимателно е завиткано, како нешто најскапоцено.

Евангелистот Иван сведочи дека Исус бил погребан во градина, во „нов гроб, во кој никој уште не бил положен“. Таа градина го евоцира изгубениот Едем, местото каде што Бог и човекот биле соединети, а тој гроб, никогаш не користен, зборува за нешто што допрва треба да се оствари. На почетокот на создавањето Бог насадил градина, а сега новото создавање започнува во градина: со затворен гроб што наскоро ќе се отвори, истакна Светиот Отец.

Папата нагласи дека Велика Сабота е и ден на одмор

Според законот на Евреите, работата не е дозволена на седмиот ден: по шест дена од создавањето Бог се одморил. Така и Синот, откако го завршил делото на спасението, се одмора. Завршил затоа што љубел до крај. Овој одмор е печат на завршеното дело, потврда дека она што требало да се направи е исполнето. Тоа е одмор исполнет со скриеното присуство на Господ.

Светиот Отец укажа дека денес луѓето тешко застануваат и одмораат: „Живееме како животот никогаш да не е доволен. Брзаме да произведуваме и да се докажуваме, за да не заостанеме.“

А Евангелието учи дека е умешност да се запре, тоа е чин на доверба. Велика Сабота повикува да откриеме дека животот не зависи само од она што го правиме, туку и од тоа како знаеме да се разделиме со она што сме успеале да го оствариме. Во гробот, Исус, живиот Логос на Отецот, молчи. Во таа тишина почнува да расте нов живот. Како семе во земја, како темнина пред зората. Бог владее и со времето на чекањето.

Исус, положен во земја, е нежното лице на Бог кој не го зафаќа целиот простор. Тој е Бог кој верува, и кога изгледа дека сè е завршено. Во оваа сабота исполнета со очекување учиме најнапред да ја прифатиме тишината, да се соочиме со нашите граници. Често бараме брзи одговори и непосредни решенија. Но Бог делува во длабочините, во времето на трпеливата доверба. Саботата на погребот станува утроба од која избива светлината на Воскресението, истакна папата Лав XIV.

„Драги пријатели, христијанската надеж се раѓа во тишината на очекувањето исполнето со љубов. На тоа нè учи Пресвета Дева Марија: таа го олицетворува ова очекување, оваа доверба и оваа надеж. Кога изгледа дека сè застанало, дека животот запрел, да се сетиме на Велика Сабота.

Ако со благодарност знаеме да го прифатиме она што било, ќе откриеме дека токму во маленкоста и тишината Бог ја преобразува стварноста, создавајќи сè ново во верност кон својата љубов. Вистинската радост се раѓа од исчекувањето, од трпеливата вера, од надежта дека она што е проживеано во љубов ќе се воздигне во вечен живот,“ заклучи Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот