Папата Лав XIV размислуваше за литургиската година, опишувајќи ја неделата како нејзин „темел и јадро“ и ги поттикна христијаните активно да учествуваат во евхаристиското славење, како видлив израз на заедништвото со Христос и со Неговата Црква.
Папата Лав XIV во среда им се обрати на ходочесниците собрани во базиликата „Свети Петар“ за време на неделната генерална аудиенција. Катехезата беше посветена на петтото поглавје од соборската конституција Sacrosanctum Concilium.
Папата на почетокот забележа дека изразот „литургиска година“, со кој се означува циклусот на христијанските празници, станал широко распространет во црковниот јазик благодарение на делото на Божјиот слуга, игуменот Проспер Геранжер (1805-1875).
Во тој контекст, папата Пиј XII ја опишал литургиската година не како безживотно сеќавање на настаните од минатото, туку како живо присуство на Христос во Неговата Црква, преку кое таинствата на спасението остануваат присутни и дејствителни.
Папата Лав XIV објасни дека литургиската година затоа треба да се сфати како постојано обновување на Христовото спасително дело во историјата. Поминувајќи низ нејзините времиња и празници, Црквата останува соединета со искупителното делување на Господ и им овозможува на верниците да ја примат Неговата благодат.
Папата истакна дека „средбата со Исус, Кој умре и воскресна за нас, е целта што Црквата секогаш ја следи, ставајќи го славењето на пасхалниот настан во центарот на секој момент“.
Неделата како темел на литургиската година
Токму поради тоа, Отците на Соборот ја опишале неделата како „темел и јадро на целата литургиска година“ и како „првичен празник“.
Папата потсети дека неделата е dies Domini, Ден Господов. Дури и во јазиците во кои името за недела се поврзува со „денот на сонцето“, додаде тој, христијаните можат да препознаат упатување кон Христос, вистинското „Сонце на правдата“, Кое го просветлува секој човек.
Потоа папата Лав XIV потсети дека свети Иван Павле II учел дека неделата е ден Господов, ден на Црквата, ден на човекот и, конечно, „ден на деновите“.
„Бидејќи неделата е неделен Велигден“, рече Папата, таа го претставува Христовото воскресение и го открива значењето на самото време, насочувајќи ја човечката историја кон повторното Господово доаѓање.
Евхаристијата во средиштето на неделата
Папата Лав XIV објасни дека за да се освети неделата, „од основно значење е да се слави Евхаристијата“. Според Отците на Соборот, преку славењето на Евхаристијата, слушањето на Словото и собирањето на верниците, „христијанската заедница го прави видливо своето заедништво со Господ и сведочи за својата припадност на Христос и својата верност на Црквата“.
Таквото собрание, предупреди Папата, „не може да се замени со само виртуелно присуство“, ниту може да се сведе на пасивно присуство.
Литургијата се остварува преку активно учество на браќата и сестрите што се собираат за да Му заблагодарат на Бога за „живата надеж“ примена преку Христовото воскресение.
Затоа Папата ги повика заедниците да бараат „најдобри можни услови“ за да им овозможат и на оние што не можат да бидат слободни од работа во недела да учествуваат на светата Литургија.
Развојот на литургиската година
Понатаму, папата Лав XIV го проследи развојот на литургиската година.
Тој објасни дека на неделното славење на Велигден, од вториот век натаму, му се придружила годишната велигденска свеченост, проследена со радосниот педесетдневен период што завршува со Педесетница, а на кој му претходи Великиот пост.
Подоцна се развил и божикниот циклус, посветен на таинствата на Христовото воплотување, раѓање и јавување во светот.
Црквата, исто така, во литургиската година ги вклучила и празнувањата во чест на Пресвета Богородица, мачениците и светците.
Водич за пасторалното делување
Литургиската година, заклучи Папата, светотаински ја претставува историјата на спасението. Таа ги води верниците од очекувањето на Месијата, преку Пасхалното таинство, па сè до надежта за идната слава.
Овозможувајќи им на христијаните уште подлабоко да учествуваат во Христовото таинство, литургиската година станува „водечки принцип и суштинска рамка за секое пасторално делување“, рече папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

