На Генералната аудиенција во среда 23 март 2022 година, папата Фрањо продолжи со размислувањата на темата за староста, предлагајќи го примерот на Мојсеј кој на крајот од своите денови го објавува името Господово, пренесувајќи им го на новите генерации наследството на неговиот живот кој го поминал со Бог. Колку би било убаво кога пренесувањето на верата на младите сѐ уште би доаѓала од постарите.
Името Господово ќе го призовувам; воздајте Му слава на нашиот Бог! Он е тврдина; делата Божји се вистина, а сите патишта Негови се праведни; Бог е верен и направда нема (во Него); Он е праведен и вистинит; (5 Мојсеева 32,3-4)
Според библискиот извештај, Мојсеј имал 120 години кога ја кажал оваа химна и бил на прагот на ветената земја и на крајот од својот живот – рече папата Фрањо во катехеза на Генералната аудиенција, продолжувајќи ја серијата катехези на тема за староста. Химната е исповед на верата со која тој им го пренесува на своите потомци искуството стекнато со Бога чија верност е вечна. Да се биде способен за тоа, додаде тој, е голем дар за младите.
Личното и директно слушање за поминатиот живот со вера, со сите негови подеми и падови, е незаменливо. Читањето книги, гледањето филмови, консултирањето на интернет, колку и да е корисно, никогаш нема да биде исто – истакна Светиот Отец. Ова пренесување – кое е вистинска традиција, конкретно пренесување од старите на младите – им недостига на новите генерации денес, и тоа сѐ повеќе и повеќе. Зошто? – праша Папата и објасни: Бидејќи оваа нова цивилизација ги смета постарите за отпаден материјал, старите треба да се исфрлат. Тоа е сурово! Тоа не е добро. Директното пренесување, од човек на човек, има тон и начин на комуникација што не може да се замени со ниту едно друго средство.
Сеќавањето на постарите е благослов
Папата потоа се запраша дали можеме да го препознаеме тој дар, кој можат да ни го дадат постарите и раскажа колку за него е важно животното сведоштво што го добил од неговиот дедо, за трагедијата на војната. Омразата и гневот кон војната ги научив од дедо ми – рече Папата, додавајќи дека неговиот дедо ја доживеал Првата светска војна и тој гнев кон војната му го пренел, бидејќи му раскажал за страдањата во војната. Тоа не се учи во книги или на друго место… така се учи, се пренесува од баба и дедо на внуците.
Слушањето на приказните на бабите и дедовците е незаменливо
Ова пренесување што оди од баби и дедовци до внуци, овој жив спомен на еден народ е незаменлив – рече Папата, истакнувајќи дека денес, напротив, има обиди да се избрише тоа, па некои би сакале дури и да ја укинат наставата по историја како непотребна информација за светови кои повеќе не се актуелни, која одзема ресурси за познавање на сегашноста. Често, сепак, недостасува ентузијазам за проживеаната историја, односно способност за привлекување.
Секако, животните приказни треба да се претворат во сведоштво, а сведочењето треба да биде доследно, истакна Светиот Отец. Идеологијата што ја врти историјата кон сопствените шеми секако не е доследна; не е доследна пропагандата, која ја прилагодува историјата за промоција на сопствената група; не е доследно историјата да се претвори во судница во кој се осудува целото минато и се обесхрабрува секоја иднина. Да се биде доследен значи да се раскажува историјата каква што е, а само оние кои ја живееле можат добро да ја раскажат. Затоа е многу важно да се слушаат постарите, да се слушаат бабите и дедовците; важно е децата да разговараат со нив.
Но и самите Евангелија искрено ја раскажуваат приказната за благословениот живот на Исус, не криејќи ги грешките, недоразбирањата, па дури и предавството на учениците. Тоа е историја, вистина, тоа е сведоштво – забележа Папата и праша колку го цениме овој начин на пренесување на верата денес, при пренесувањето на штафетата меѓу постарите во заедницата и младите кои се отвораат кон иднина?
Катехеза која е и сведоштво за животот
Папата продолжи со размислувањето зборувајќи за една чудна аномалија. Катехизмот на христијанската иницијација денес великодушно се потпира на Словото Божјо и пренесува точни информации за догмите, моралот на верата и Светите Тајни. Меѓутоа, често има недостиг на познавање на Црквата која произлегува од слушањето и сведочењето за вистинската историја на верата и животот на црковната заедница од самиот почеток до денес – истакна тој, додавајќи: Како деца учиме за Словото Божјо во училниците за веронаука, но Црквата ја запознаваме како млади луѓе, во училишните училници и во глобалните информативни медиуми.
Пренесувањето на верата треба, според Папата, да се одвива преку стилот на Мојсеевата химна. Би било убаво во катехетските програми, уште од самиот почеток, би постоела навика за слушање, за проживеаното искуство на постарите, сјајното исповедање на благословите добиени од Бога, кои мораме да ги чуваме, како и доследното сведоштво за нашата пропуштена верност, која треба да ја поправиме и исправиме.
Со дарот на својата жива вера, постарите влегуваат во ветената земја, која Господ ја посакува за секоја генерација, кога ќе им го дадат своето сведоштво на младите и ќе ја пренесат историјата на верата на семејниот дијалект. Тогаш, водени од Господ, постарите и младите влегуваат заедно во неговото Царство на животот и љубовта. Сите заедно. Сите во семејството, со ова големо богатство дека верата е пренесена на дијалект – истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк