Во рамките на „II денови на Света Мајка Тереза во скопската парохија“ кои се одржуваат од 3 до 5 септември 2017 година, вториот ден беше одбележен со духовно – културна програма.
Во вечерните часови пред „Спомен куќата на Света Мајка Тереза“ во Скопје, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р. Киро Стојанов ја отвори изложбата под името „Светицата од Скопје – светица на светот.“ На самиот почеток директорката на Спомен куќата Рената Здравковска ги поздрави сите присутни, истакнувајќи: „Оваа изложба прв пат беше претставена пи повод канонизацијата на Мајка Тереза во Рим на 4 септември 2016 година во црквата „Свети Станислав“ во организација на Спомен куќата. Изложбата е составена од 22 колажа со фотографии и текстови кои го претставуваат животниот пат на Мајка Тереза од раѓањето до канонизацијата.“
Во својот говор бискупот Стојанов порача: „Минатата година на самиот ден на прогласувањето на Мајка Тереза за светица на Католичката Црква, оваа изложба беше поставена во срцето на западното христијанство – во Рим. Би сакал секој од нас да застане пред некоја од сликите на оваа изложба и да си постави прашање: А каде сум јас овде? Така изложбата нема да биде само серија на експонати, туку и поттик во поголем дел од нив да ги препознаеме вредностите на света Мајка Тереза што би можеле и ние да ги правиме со Божја милост и лична ангажираност. Благодарност до оние кои ја осмислија оваа изложба. Сите вас овде присутни ве повикувам да ја погледнеме изложбата и тоа не само со очи, туку и со срцето. Гледајќи ја изложбата, само да си посакаме да бидеме малку подобри луѓе. Во оваа смисла изложбата е отворена за наша средба, за наше збогатување. А застапништвото на Мајка Тереза нека ни биде поттик и за дејствување“, рече бискупот Стојанов.
По разгледувањето на изложбата присутните се упатија во близина на плоштадот „Македонија“ каде се наоѓа спомен плочата на родната куќа на Мајка Тереза и на тоа место бискупот по молитвата Оче наш стави запалена свеќа, а градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, положи цвеќе.
Потоа на плоштадот „Македонија„ следеше концерт во изведба на: Хорот „Света Злата Мегленска“ и камерниот оркестар „Скопски солисти“.
к.мк