Во проповедта на Воскресното бдение кое го предводеше во базиликата Свети Петар, папата Фрањо ги охрабри верниците да не дозволат да бидат затворени во гробот на стравот и горчината и да се погрижат страдањето и копнежот за мир, прекинати со суровата омраза, да не го спречи патот до радоста. За време на славењето беа крстени осум катехумени
На Велика Сабота, 30 март 2024 година, папата Фрањо го предводеше традиционалното Велигденско бдение во базиликата Свети Петар. Славењето започна на влезот во базиликата со обредота благослов на оган, по што следуваше процесија со свеќи. За време на славењето беа крстени и миропомазани осум катехумени: четворица од Италија, еден од Албанија, еден од Јапонија и двајца од Јужна Кореја.
Кој ќе го оттргне каменот од вратата на гробот?
Во својата проповед Папата се осврна на делот од Евангелието за жените кои отидоа на Исусовиот гроб и истакна два клучни моменти од тој настан. Најпрво, ожалостените жени ги мачи прашањето: Кој ќе го оттргне каменот од гробот? Тој камен, непремостлива пречка – рече Папата – беше симбол на она што жените го чувствуваа во своите срца. Тоа беше крајот на нивната надеж; сè се скрши од него, со мрачна тајна на трагична болка што ги спречи нивните соништа да се остварат.
Гробни камења со кои се среќаваме во животот
Понекогаш во животот чувствуваме и дека сме обземени од тага и очај – забележа Папата. Овие гробни камења ги среќаваме во празнината која ја остави смртта на нашите најблиски, во неуспесите и стравовите кои нè попречуваат да го реализираме доброто кое имаме намера да го направиме, но и во сите форми на преокупираност со самите себе кои ги задушуваат нашите поттици на великодушност и не ни дозволуваат да се отвориме за љубовта; во гумените ѕидови на себичноста и рамнодушноста кои нè кочат во нашите напори да изградиме поправедни и похумани градови и општества; во сите наши стремежи за мир кои се разбиени од суровата омраза и бруталност на војната.
Победа на животот над смртта
Сепак – истакна Светиот Отец – истите жени кои ја носеа таа темнина во своите срца ни сведочат за нешто необично: кога го подигнаа погледот, видоа дека тешкиот камен веќе е оттргнат, откривајќи ја силата Божја: победата на животот. над смртта, триумфот на светлината над темнината, повторното раѓање на надежта среде рушевините на неуспехот.
Да го подигнеме погледот кон Исус
Затоа, Римскиот бискуп ги охрабри верниците да погледнат кон Исус. Ако дозволиме Исус да не фати за рака – рече тој – никакво искуство на неуспех и болка, колку и да не повреди, нема да го има последниот збор за смислата и судбината на нашиот живот.
Браќа и сестри, да го подигнеме погледот кон Него, да го примиме Исус, Богот на животот, во нашите животи, да го обновиме нашето „да“ за Него денес и ниту еден камен нема да може да ни го задуши срцето, ниту еден гроб нема да може да ја потисне радоста на живеењето, ниту еден неуспех нема да може да не турне во очај.
Да го подигнеме погледот кон Него, Воскреснатиот и да чекориме во сигурност дека, на темната позадина на нашите очекувања и нашите смртни случаи, вечниот живот што Тој дојде да го донесе е веќе присутен – поттикна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк