Во Струмица промовирана монографијата „25 години епископство на монсињор Киро Стојанов“

Во Струмица промовирана монографијата „25 години епископство на монсињор Киро Стојанов“

Во недела 8 декември 2024 година во парохиската сала „Света Мајка Тереза“ во црквата „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица се одржа промоција на монографијата „25 години епископство на монсињор Стојанов“. На промоцијата присуствуваѓе епископот Стојанов, голем број свештеници, чесни сестри, верници и гости.

Промоцијата започна со музчиката точка „Тебе појем“ во изведба на Томе Васиќ, Лука Костов и Филип Костов. Потоа со читања делови од монографијата Наталија Стојанова ги воведе приустните во ризницата која во себе ги носи оваа монографија, па така покрај друготo, истакна дел од говорот на епископот за време на благодарната светата Литургија која се служеше на плоштадот Македонија во Скопје, по повод прогласувањето на Мајка Тереза за светица, во кој вели: „Радосен сум и благодарен што ја имам таа привилегија за света да биде прогласена личност која чекорела низ улиците на овој нејзин и наш град Скопје и чии стапки од денес сакаме да ги следиме и ние, и тоа со поголема вера и поголема посветеност во служењето на секој човек.“ Покрај тоа го истакна и моментот на чудесната светлина во Паљурци, која се појави на 10 јули 2022 година за време на молебенот.

Промоцијата ја водеше Величе Илиева која рече: 25 години во служба, за „Да бидеме едно“, 25 години бискупско служење за „евхаристиското сонце“ да светли над ридска Македонија (…) Малку се 25 минути оваа вечер во која сакаме да Ви претставиме што авторите на монографијата „25 години епископство на монсињор Киро Стојанов“ сакале да сместат меѓу 250-те страници ….

Зборувајќи за монографијата отец Гоце Костов истакна дека таа е плод на повеќе од 25 годишна заедничка ангажираност со д-р отец Зоран И. Стојанов во католичките медиуми „Католици.мк“ и „Светлина“ – христијанско списение, чиј основач е токму епископот Стојанов.

Тој истакна дека монографијата е составена со повеќе од 250 фотографии и некои важни документи и 15 тематски поглавја, но навлегувајќи во детали на секое од нив посебно, истакна само некои делови, како што е на пример второто поглавие кое се однесува на градби и обнови на цркви и црковни објекти и рече: Не само што ја гради Црквата како миситично Тело Христово, туку во неговото 25 годишно епископство се обновени и сите цркви и парохиски куќи.. И покрај тоа што монографијата нема намера да го прикаже историско-правниот развој на Католичката црква во Македонија, но тој се оцртува и провлекува, затоа што протогонист на тој развој е токму епископот Стојанов и рече: Некои се обидуваат да влезат во историјата, а епископството на монсињор Стојанов ја испишува историјата на Црквата во Македонија.

Читајќи ја монографијата отец Гоце Костов рече дека во неа јасно се оцртува дека во неговото епископство е важно единството на Црквата, семејството, молитвата, духовните звања, милосрдието, посветениот живот, Богородица – посебно Паљурска, лицата со посебни потреби, мигрантите, Света Мајка Тереза, оние кои се на маргините на општеството, верниците во запоадноевропските земји, медиумите, мирот…

На крајот заврши со зборовите: Сите овие настани и дела претставени во оваа монографија, посакувам да се сторат молитва до Пресвета Богородица Паљурска–Утешителка и со нив да го разнежни срцето на нејзниот Син, Паљурци да се врати на вистинските сопственици.

Протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, истакна дека при подготовката на монографијата „25 години епископство на монсињор Стојанов“ јасно е согледано дека 25 години е период со многу активности и настани, кои сите не можат да се стават на хартија. Потоа се осврна накратко на почетоци на свештеничка формација на монсињор Стојанов, како и службите кои ги извршува пред да биде именуван за епископ.

Потсети и на моментот кога во таа 1999 година тогашниот Скопско-призренски епископ д-р Јоаким Хербут дојде во Радово за да им честита на нивните мајка и татко за именувањето на еден од најмладите епископи во Католичката црква, кој тогаш немаше полни 40 години, истакнувајќи ги првите зборови на нивните родители: „Господ да го чува и да му даде сила да го носи товарот кој Црквата му го доверува“.

Отец Зоран И. Стојанов ги истакна и тешките моменти кои ги поминаа нивните родители при што во име на сите членови на семејството искажа благодарност за нивната постојаност во верата. На крајот рече: На мојот брат и мој епископ му посакувам многу Божји благодати, вам ви благодарам што сте тука, а нему му посакувам духовни и телесно здравје, со истите зборови кои ги носам цели 25 години, а беа кажани со родителска љубов: „Господ да го чува и да му даде сила да го носи товарот кој Црквата му го доверува“.

На академијата до присутните се обрати и епископот Стојанов кој рече: „Почитувани промотори и автори, браќа свештеници, чесни сестри, пријатели, драги присутни. Гледајќи ве тука присутни искрено се радувам, а моето срце во овој миг е со длабоко чувстство на благодарност, која со говорот на срцето му ја искажувам на Господа Бога. “

За неговото 25 годишно епископско служење пред присутните епископот искажа благодарност најпрво до Троединиот Бог, потоа за дарот на повикот, за дарот на животот, кој го доби од неговите покојни родители од кои беше посеано семето на верата, како и на целото негово потесно семејство. Епископот Стојанов упати благодарност и за поддршката од свештенството, чесните сестри и Божјиот народ, истакнувајќи дека не е можно епископската служба да се извршува сам.

Благодарност упати и до сите оние кои го придружуваа во свештеничката формација, посебно споменувајќи го монсињор д-р Јоаким Хербут, на папата Иван Павле II, кој го именува за помошен епископ, потоа за папата Бенедикт XVI кој го постави за епископ ординариј, за папата Фрањо, кој ја воспостави епархијата и го именува за прв епархиски епископ, кој пред пет години ја посети Македонија.

Благодарност упати и до авторите на монографијата „25 години епископство на монсињор Стојанов“ отец Гоце Костов и отец д-р Зоран И. Стојанов, кои со нивниот труд овозможија да излезе ова дело.

Своето обраќање епископот Стојанов го заврши со зборовите: „Драги браќа и сестри искрено благодарам за вашето присуство и тоа ми значи многу, воедно и голема поддршка од сите вас. Господ Бог нека ве благослови и не заборавајте ме во вашите молитви.“

Радио Марија од промоцијата на монграфијата вршеше диркетен пренос.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот