Во Струмица започнаа катехетските средби „Разговори за верата“

Во Струмица започнаа катехетските средби „Разговори за верата“

Во петок, на 3 октомври 2025 година, во парохијата „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица се одржа првата катехетска средба од серијата „Разговори за верата“.

На неа присуствуваа верници од парохијата, а парохот отец Гоце Костов, одговори на повеќе прашања кои верниците ги поставија. Меѓу нив беа и теми кои ја допираат суштината на христијанската вера: „Дали верата е избор или дар од Бога?“ и „дали човек може да има вистинска моралност без вера во Бога?“ Во одговорите беше нагласено дека верата, пред сè, е дар од Бога, но и одговорност на човекот кој е повикан да го прифати и живее тој дар. Во однос на моралноста, истакна дека вистинската полнота на моралните вредности произлегува од поврзаноста со Бога, кога формацијата на совеста се усогласува со Божјата волја.

Оваа иницијатива е на младите од парохијата и одговара на повикот на папата Фрањо за синодалност, Црквата да биде место на дијалог и меѓусебно слушање, заеднички одејќи по патот на верата. Верниците се повикани да поставуваат прашања поврзани со христијанскиот живот, учењето на Црквата и пасторалните предизвици и да добијат совети за христијанскиот живот и таинствата на верата. За полесна организација, прашањата може да се постават анонимно на ливчиња и да се остават во посебна кутија поставена на влезот од црквата.

Следната средба „Разговори за верата“ ќе се одржи во петок 7 ноември 2025 година, повторно на првиот петок во месецот.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот