Во Скопје одбележани 10 години од канонизацијата на света Мајка Тереза

Во Скопје одбележани 10 години од канонизацијата на света Мајка Тереза

Во сабота, 5 септември 2026 година, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје беше отслужена свечена понтификална света Миса по повод десетгодишнината од канонизацијата на света Мајка Тереза.

Светата Миса ја предводеше монсињор д-р Петар Палиќ, Мостарско-дувањски бискуп и Требињско-мркански апостолски администратор, во заедништво со Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, Сремскиот бискуп монсињор Фабијан Свалина и Зрењанинскиот бискуп монсињор Мирко Штефковиќ.

Со бискупите сослужуваа свештеници од Скопската бискупија, Струмичко-скопската епархија, Врхбосанската надбискупија и Дубровничката бискупија.

На евхаристиското славење присуствуваа голем број верници од повеќе парохии во Македонија, чесни сестри од Мисионерките на љубовта, сестрите Евхаристинки и сестрите на свети Винко Паулски, членови на црковни движења и заедници, претставници на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, како и претставници на дипломатскиот кор.

На почетокот од светата Миса, епископот Стојанов ги поздрави присутните и потсети на посебната врска што Скопје ја има со света Мајка Тереза.

Тој рече дека и по десет години сè уште му одѕвонуваат зборовите од нејзиното прогласување за светица и дека пред очите го гледа нејзиниот лик на фасадата на базиликата „Свети Петар“ во Рим. Потсети дека токму по улиците на Скопје чекорела онаа која подоцна целиот свет ќе ја нарекува едноставно Мајка.

Епископот Стојанов истакна дека одбележувањето на годишнината треба да биде поттик за поголема вера и посветено служење на човекот, особено на оние кои се најмногу во потреба.

Во својата проповед бискупот Палиќ се осврна на животот на света Мајка Тереза како конкретно живеење на Евангелието. Тој потсети дека Скопје е градот во кој таа е родена, израснала, се молела и го слушнала првиот Божји повик.

Осврнувајќи се на литургиските читања, бискупот Палиќ истакна дека пророкот Исаија нè повикува да ги раскинуваме оковите на неправдата, да го делиме лебот со гладните и да бидеме блиску до оние кои страдаат. Потсети и на зборовите од Првото послание на свети Јован дека „Бог е љубов“, како и на Христовите зборови дека сè што сме направиле на еден од најмалите, Нему сме Му го направиле.

Според бискупот Палиќ, токму тие зборови станале животна програма на света Мајка Тереза.

Тој нагласи дека таа во болниот, отфрлениот, осамениот и умирачкиот човек го гледала лицето Христово. За неа сиромаштијата никогаш не била само бројка или општествена категорија, туку конкретен човек со име и достоинство.

Бискупот се осврна и на духовната темнина низ која поминувала света Мајка Тереза во голем дел од својот живот. И покрај чувството на Божјо молчење, таа останала верна на молитвата, Евхаристијата и служењето на ближниот.

Верниците ги повика да се запрашаат кој е „најмалиот брат“ во нивниот сопствен живот. Тоа, како што рече, може да биде човек во семејството, соседството или парохијата, некој кому му е потребен топол збор, внимание, насмевка или дел од нашето време.

Пред завршниот благослов беше одржана процесија со иконата на света Мајка Тереза околу скопската катедрала. Верниците, бискупите, свештениците и чесните сестри во молитва го придружуваа ликот на светицата по улиците околу храмот, оддавајќи почит на нејзиниот живот и сведоштво.

На крајот од светата Миса, епископот Стојанов му се заблагодари на бискупот Палиќ за предводењето на евхаристиското славење и за, како што рече, силното Божјо слово упатено до присутните.

Тој им се заблагодари и на бискупите Свалина и Штефковиќ, на сослужителите, чесните сестри, дипломатскиот кор, министрантите и верниците.

Посебна благодарност упати до катедралниот хор под диригентство на Јулија Нелковска и оргулистот Филип Костов, како и до детскиот хор „Бели Ангели“ од Загреб под диригентство на сестра Цецилија. Својата благодарност бискупот Стојанов ја искажа и до координаторките на манифестациата „Денови на света Мајка Тееза“ Љерка Тот Наумова и Соња Цресловник.

Свечената понтификална света Миса беше завршница на манифестацијата „Денови на света Мајка Тереза“, која започна на 26 август и опфати духовни, културни и хуманитарни настани посветени на животот и наследството на светицата родена во Скопје.

Со ова славење Скопје уште еднаш се потсети на својата посебна врска со света Мајка Тереза, десет години по денот кога Црквата официјално ја вброи меѓу светителите.

Манифестацијата „Денови на света Мајка Тереза“ се одржа од 26 август до 5 септември, во организација на Католичката црква во Македонија и Заедницата на Хрватите во Република Македонија, со поддршка на Владата на Република Хрватска, а по повод десет години од канонизацијата на света Мајка Тереза.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот