Италијанските весници La Repubblica и Il Corriere della Sera им се придружија на весниците кои пренесуваат делови од автобиографијата на папата Фрањо.
По повод роденденот на Папата на 17 декември 32024 година објавени се текстови од книгата „Се надевам“, која на 14 јануари ќе биде објавена во 80 земји.
Папата Фрањо раскажува за своето детство во Буенос Аирес, за учителите што ги издвоил од „концентрацијата на човечност“ во предградијата, како и за неговата историска посета на Ирак во 2021 година, која била придружена со организациски тешкотии и безбедносни сомнежи. Тогаш однапред биле спречени два обиди за атентат, открива Папата.
Биографијата, која требало да биде објавена дури по неговата смрт, ја напишал Папата заедно со Карло Мусо. Содржи лични спомени и досега необјавени фотографии. Јубилејот на Светата година 2025 и „потребите на нашето време“ го мотивирале Папата книгата да биде објавена за време на неговиот живот, откри германската издавачка куќа Kösel, која ги поседува правата на германското издание.
„Кога некој ќе ми каже дека сум селски папа (Papa villero), се молам да бидам достоен за тоа“, пишува папата Фрањо. Тој се присетува на „комплексниот, мултиетнички, мултирелигиски и мултикултурен микрокосмос“ на Барио Флорес, населба во Буенос Аирес каде што го поминал своето детство. Таму „разликите беа нормални и се почитувавме едни со други“, ги опишува Папата односите во групите пријатели католици, евреи и муслимани.
Се сеќава и на средбите со проститутки, слики од „потемната и потешката страна на егзистенцијата“, кои ги запознал во детството во аргентинските предградија. Кога станал бискуп, Бергољо служел света Литургија за тие жени кои во меѓувреме го промениле својот живот. „Се проституирав насекаде“, му признала една од нив, по име Порота, „дури и во САД“. Заработував пари, потоа се заљубив во постар човек, тој ми беше љубовник, а кога умре го променив мојот живот. Сега имам пензија. И се грижам стари мажи и жени во старечки домови, кои немаат кој да ги чува. Не одам често на свта Литургија, а порано правев секакви работи со своето тело, но сега сакам да се грижам за телата за кои никој не се грижи“. Фрањо ја опишува таа жена како „современа Магдалена“. Таа за последен пат го повикала од болница непосредно пред да почине, за да прими Елеопомазанието и Светата Причест. „Таа добро си отиде дома“, пишува Папата, „како даночниците и блудниците кои „ќе не преминат во царството Божјо“ (Матеј 21,31). И многу ја сакав. И денес, на годишнината од нејзината смрт, не заборавам да се помолам за неа“.
Книгата содржи и сеќавања на затвореници кои изработувале четки за облека, како и приказна за тоа како се родило долгогодишно пријателство со Дон Хозе де Паоло, познат како „Падре Пепе“. Тој свештеник, кој работи во едно предградие, во време на криза, идниот Папа го поддржувал со слушање и близина. Таму „каде што државата отсуствува четириесет години“ и каде зависноста од дрога претставува „голем товар, кој го умножува очајот“, токму таму, „на тие периферии, кои секогаш мора да бидат нов центар за Црквата, живеат група на лаици и свештеници како Падре Пепе и секој ден го сведочат Евангелието, среде отфрлените од економијата што убива“.
Тешката реалност, од која јасно произлегува дека верата, спротивно на она што другите го кажуваат, во никој случај не е „опиум за народот, смирувачка приказна за отуѓување на луѓето“, нагласува папата Фрањо. Напротив, токму „благодарение на верата и тој пастирски и граѓански ангажман“, предградијата „поминаа низ неверојатен развој и покрај неизмерните тешкотии“. Како и верата, „секоја служба е секогаш средба“, пишува Папата, инсистирајќи дека можеме „многу да научиме од сиромашните“.
Покрај драмата во предградијата, папата Фрањо се сеќава и на драмата на разурнатиот од војната Ирак. На неговата историска посета од 5 до 8 март 2021 година, прв Папа во таа земја, Папата особено се потсетува на „раната во срцето“ која ја претставува градот Мосул. „Еден од најстарите градови во светот, полн со историја и традиции, кој во текот на историјата доживеа промени на различни цивилизации и беше симбол на мирниот соживот на различните култури во една и иста земја – Арапи, Курди, Ерменци, Туркмени, христијани, Сиријци – ми се појави пред очите како урнатини, откако Исламската држава го држеше окупиран три години и го направи свое упориште“, се сеќава папата Фрањо на потресните моменти во Мосул. Додека леташе над него со хеликоптер, областа изгледаше како „рендгенска слика на омразата, една од најефикасните емоции на нашето време“.
Папата се сеќава и на тешките организациски околности на тоа патување, поради пандемијата Ковид 19, како и на тешките безбедносни услови. „Скоро сите ме советуваа да се откажам… но“, пишува Папата, сепак имал чувство дека мора да замине во земјата на Авраам, „заедничкиот предок на Евреите, христијаните и муслиманите“.
Тој исто така потсетува дека добил информации од британската тајна служба за два бомбашки напади кои се подготвувале за време на неговиот престој во Мосул. Еден од атентаторите била жена која се препашала со експлозив, а другата требало да нападне со возило за достава. И двете биле фатени од ирачката полиција пред да можат да го спроведат својот план. „И тоа многу ме погоди“, нагласува Фрањо, „а тоа беше отровниот плод на војната“.
Среде сета оваа омраза, Папата видел трошка надеж за време на неговата средба со големиот ајатолах Али ал Систани на 6 март во Наџаф. Тоа беше средба што „Светиот Престол ја подготвуваше со децении“ и која се одржа во братска атмосфера во куќата на Ал Систани. „Гест, кој на исток е уште позначаен од изјавите и документите, бидејќи значи пријателство, припадност на исто семејство“, објаснува Папата. „Ми се радуваше душата и се чувствував почестен. Кога станува збор за ајатолахот, Папата особено потсетува на „заедничкото предупредување до големите сили, да се откажат од разговорите за војни и да им дадат предност на разумот и мудроста“. Како и на реченицата што тој „ја носел како скапоцен подарок: „Луѓето се или браќа по вера или веќе по создавањето“.
Заедно со книгата ќе биде објавен и филм за папата Фрањо. Станува збор за автобиографија базирана на разговори со Фабио Маркезе Рагон, објавена во март под наслов „Живот, мојата приказна во историјата“.
Ватикан њуз/к.мк