Во Радово пет деца примија Прва света Причест

Во Радово пет деца примија Прва света Причест

Во парохиската црква „Свети Пророк Илија“ во Радово, на 3 август 2025 година, ден по прославата на патрониот празник, се служеше свечена Света архиерејска Литургија на која пет деца за првпат го примија Исус во Светата Причест. Литургијата ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов, во сослужение со парохот о. Илија Стојанов, парохискиот викар отец Атанас Сирачев и отец Владимир Симуновиќ.

Во својата проповед, бискупот се обрати на првопричесниците и нивните семејства, нагласувајќи ја важноста на светата Причест во животот на христијанинот.

„Евхаристијата значи благодарност“, истакна епископот Стојанов, објаснувајќи дека Светата Причест не е надворешен ритуал, таа е жива средба со Христос, кој е присутен под видот на лебот и виното. Тој подвлече дека токму преку тие едноставни знаци – лебот како симбол на животот, и виното како симбол на радоста, Исус доаѓа меѓу нас за да нè храни, зајакне и освети.

Во продолжение на проповедта, епископот исто така се осврна на трудот кој стои зад подготовката на лебот и виното, како слика на секојдневниот човечки напор, кој Бог го прима и осветува преку Литургијата. Каков живот би бил ако немаме леб, облека и радост. „Исус сака да го освети секое чесно човечко дело“, рече тој, додавајќи дека причестувањето е повик за живот исполнет со благодарност и заедништво со Бога.

Обраќајќи им се на родителите, бискупот подвлече дека Првата Причест не треба да се доживее како нешто „што е завршено“, напротив како почеток за продлабочување на верата. Ги охрабри да продолжат да ги воспитуваат своите деца во љубовта кон Бога, бидејќи „најскапоценото нешто што можете да им го дадете на вашите деца е верата во Христос“ – рече епископот Стојанов.

На крај, упати порака на охрабрување до децата и родителите: „Оттука, драги родители, драги првопричесници, ви посакувам од сѐ срце, сѐ повеќе и повеќе да откривате дека Исус е вистинскиот ваш пријател и како таков останува преку целиот ваш живот“.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот