Насилството врз христијаните во светот продолжува да расте, соопшти организацијата „Open Door“ по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите на насилство заради верата, 22 август.
„Насилството врз христијаните е зголемено и во последната година“, пренесе Kathpress во понеделник, 19 август, во соопштението на организацијата „Open Door“. Според индексот што организацијата го објавува секоја година, нападите се зголемиле во текот на изминатата деценија, но нивното ширење забавило. Сепак, на годишна основа, „стапката на прогонство минатата година во споредба со претходната година е двојно зголемена“, се вели во извештајот.
Тој загрижувачки тренд е видлив особено во бројките. За една година биле затворени или урнати 14.766 цркви, седум пати повеќе отколку во истиот период претходната година. Вкупното насилство во 50-те најнасилни земји се зголемило за 7,7 отсто. Конечно, бројот на земји каде што христијаните се прогонувани во голема или многу голема мера достигна рекордно ниво, од 76 на 78 земји. Во 13 земји забележани се екстремни нивоа на прогонstvo, што претставува зголемување за две земји.
„Експлозијата на насилството“ се покажува преку силното зголемување на бројот на христијани кои се изложени на физичко насилство или смртни закани. „Open Doors“ забележуваат 42.849 вакви случаи наспроти 30.000 случаи една година порано. Се зголемил и бројот на црковни објекти кои биле цел на напади. Слично е и со бројот на христијани кои биле принудени да ги напуштат своите домови, имало 295.120 такви случаи наспроти 139.307 во претходната година.
Врз основа на овие податоци, Open Doors доаѓаат до заклучок дека повеќе од 365 милиони христијани, што значи секој седми во целиот свет, во 78 земји се изложени на тешко прогонство и дискриминација.
Според „Open Doors“, во 2023 година, 4.998 христијани биле убиени во светот само затоа што се христијани.
Убедливо најлоша ситуација во овој поглед е во Нигерија, најнаселената африканска земја, каде што загинаа 4.118 христијани.
Христијаните, особено свештениците, се цел на напади и на други места. На пример, во Лаос, каде на 23 јули, две маскирани лица упаднаа во куќата на 42-годишниот свештеник Тонгкам Филаван во северозападниот дел на земјата и го убија со шест куршуми пред очите на неговото семејство. „Тоа е еден вид закана. Го убиле свештеникот за да ги заплашат членовите на неговата црква“, изјавил за „Open Door“ еден од неговите колеги.
На северот на Бангладеш на 7 август беа запалени бројни цркви, а уништени се и христијански куќи. Откако премиерот на Бангладеш Шеик Хасина поднесе оставка и ја напушти земјата по неколкунеделни протести, „нападите на радикалните групи врз верските малцинства, вклучително и христијаните, се зголемени низ целата земја“, се вели во извештајот.
Курт Иглер, директор на организацијата „Open Doors“ за Австрија, рече дека слободата на вероисповед е „показател за здравствената состојба на една земја“. Ако оваа слобода е прекршена во една земја, тоа често доведува до тоа другите лични и заеднички слободи да станат сомнителни. Така, „од големо значење е да се бориме за поголемо почитување на слободата на вероисповедта во светот“, нагласи тој.
Ика/к.мк