Градинката која е желба на Папата е посветена на „Свети Фрањо и Света Кјара“. Свеченото отворање се одржа попладнето на 14 април 2025 година во присуство на раководството на Управата на државата Ватикан, кои ја промовираа иницијативата.
Новата градинка е наменета за децата на вработените во Ватикан, која беше отворена на 14 април и тоа е проект кој Папата многу го посакуваше со кој се истакнува вниманието на Црквата кон семејствата. Градинката, промовирана од гувернерот на државата Ватикан, е посветена на „Свети Фрањо и Света Кјара“ и е прва од ваков вид згради во Ватикан, која се наоѓа во ватиканските градини, на улицата „Свети Лука“.
Новите простории ги освети кардиналот Фернандо Вергес Алзага, почесен претседател на Управата на државата Ватикан. На обредот, меѓу другите, присуствуваше и сестра Рафаела Петрини, актуелен претседател на Управата, со двајцата генерални секретари, надбискупот Емилио Напа и адвокатот Џузепе Пулиси-Алибранди и отец Франко Фонтана, координатор на капеланите на дирекциите и централните канцеларии на истото тело.
Развивање знаење и споделување искуства
Јаслите се отворени од понеделник до петок од 7:30 до 18:30 часот и може да прими до триесет деца на возраст од 3 до 36 месеци. Градинката наменета за најмладите нуди едукативни и социјални активности, како и едукативен тим кој ги придружува малите во нивното растење, помагајќи им да развијат знаење и да споделуваат искуства.
Проект за поддршка на семејствата
На овој начин се конкретизира проект за кој долго време се размислуваше: „Пред околу година и пол – објаснува за ватиканските медиумите Азура Лацирињола, претставник на управата на градинката – почесниот претседател на Управата на државата Ватикан, кардиналот Вергес, заедно со сегашната претседателка, сестра Рафаела, посакаа да се изготви проект кој ќе биде во корист на семејствата на вработените во Ватикан и така е дојдено до идејата за градинка, која е на иницијатива на родителите и семејствата. По „соодветните проверки и процедури за избор и идентификација на најсоодветната компанија за управување со воспитната служба градинката сега е реалност, истакна Лацирињола“.
Учење и игри на италијански и англиски јазик
Градинката во моментов нуди двојазична услуга: „Секое одделение на деца има учителка која зборува италијански и учителка која зборува англиски јазик – продолжува Азура Лацирињола – така што сите активности, сите планирани проекти и иницијативи ќе се спроведуваат паралелно на двата јазика, бидејќи има многу меѓународни реалности во Ватикан“. На овој начин, „децата од различни националности ќе имаат право да учествуваат во едукативни и забавни понуди“.
Постојана поддршка за младите ученици
И покрај тоа што инаугурацијата е на 14 април, градинката всушност започна со работа на 1 април: „Овие први две недели главно беа посветени на интеграцијата на децата, како и во сите градинки“, нагласува Азура Лацирињола. „Првично малите преземаа некои активности во придружба на нивните родители, по што следува постепено одвојувањето од нивните семејства. Потоа заедно со родителите имаа можност да се запознаат со наставниците и воспитувачките. На крајот останаа сами. Билансот на овие први две недели активност е „секако позитивен – додава Лацирињола – затоа што малите се прилагодија за неколку дена. Имаше и одлични повратни информации од родителите, кои беа многу импресионирани како од модерната инфраструктура која одговара на потребите на нивните деца, така и од присуството на професионалци кои работат во неа.
Глобалниот образовен пакт на папата Фрањо
На крајот, претставникот на проектот нагласува дека градинката е дел од „Глобалниот образовен пакт“ кој го промовира папата Фрањо од 2019 година: „Ова секако е еден од чекорите за остварување на намерите на Светиот Отец“, објаснува Лацирињола. „Покрај сè друго, градинката е проект кој силно го посакуваше Папата, токму како знак на близина со семејствата на вработените во Ватикан, особено со мајките кои по одреден период на породилно отсуство мора да се вратат на работа. Сега, според тоа, имаат можност да го сторат тоа, со своите деца на само неколку чекори од нивното работно место.
Ватикан њуз/к.мк