Прифаќајќи ја поканата на граѓанските и црковните власти на Португалија, папата Фрањо ќе отпатува во Лисабон и Фатима во август за да учествува на Светскиот ден на млади.
Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, во понеделник, 22 мај 2023 година, официјално го потврди Апостолското патување на Светиот Отец летово во Лисабон и Фатима по повод Светскиот ден на млади.
„По повод претстојниот Светски ден на млади и прифаќајќи ја поканата на граѓанските и црковните власти на Португалија, Неговата Светост Папата Фрањо ќе престојува во Лисабон од 2 до 6 август годинава. Во рамките на тоа патување, на 5 август ќе го посети светилиштето Фатима“.
Папата Фрањо на четврти Светски ден на млади
По втор пат како Папа, Светиот Отец ќе го посети маријанското светилиште Фатима, дестинација на милиони ходочасници секоја година. Папата го посети светилиштето на 12 и 13 мај 2017 година, на стогодишнината од објавата на Пресвета Богородица во „Кова да Ирија“. Во таа прилика Светиот Отец се помоли да прекинат војните кои го „распарчуваат“ светот. Во Фатима, Пресвета Дева Марија им се објави на малите пастири пред нешто повеќе од 100 години, во тогаш сиромашно земјоделско село.
Лисабон е град домаќин на четвртиот Светски ден на млади, со кој ќе претседава папата Фрањо, по Светскиот ден на младите во Бразил (2013), Полска (2016) и Панама (2019). Тоа е 38. Светски ден на млади, кој првично требаше да се одржи во португалската престолнина во 2022 година, но беше одложен поради глобалната вонредна состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19.
За овогодишното мото на Светскиот ден на млади, папата Фрањо го избра слоганот: „Марија стана и побрзај!“ библиски цитат, кога Пресвета Богородица оди кај нејзината роднина Елисавета, откако ангелот ѝ навести дека таа ќе биде мајка на Синот Божји.
Видео пораката на Папата до младите
Три месеци пред Светскиот ден на младите, кој ќе се одржи во Лисабон од 1 до 6 август 2023 година, папата Фрањо испрати видео порака до младите кои ќе учествуваат на Светскит ден во Португалија.
Во видео пораката Папата мисли на младите луѓе фокусирани на тој настан, кои секогаш гледаат кон хоризонтот, кон надежта и ги замислува ангажирани со организирање на патувањето, решавање на логистички прашања и ангажирани со планирање на деновите што ќе ги поминат оддалечени од секојдневните обврските.
Римскиот бискуп ги поттикна младите радосно да се подготват за тој настан. Ставете ја вашата надеж во него, бидејќи на таков ден расте. Не го забележуваме тоа – додаде Папата во пораката – но работите остануваат внатре, вредностите што ги најдовме остануваат внатре, односите што ги имавте со младите од другите земји, средбите, сè останува внатре и, пред се, се гледа силата на младите. Црквата ја има силата на младите. Затоа само напред!
На крајот Светиот Отец напомена да настојуваат да се сретнат со стари лица, а секој што има баба и дедо треба да разговара со нив и да побара совет како да живеат. Ќе ви дадат мудрост, а вие секогаш одете напред – поттикна папата Фрањо и видео пораката ја заврши со зборовите: Ве чекам во Лисабон. Чао!
Ватикан њуз/к.мк