Велики Петок е ден кога христијаните се сеќаваат на Исусовата мака и смрт. На денешниот ден нема евхаристиско славење. Не бијат камбаните, олтарот е без крст, покривки, свеќи или цвеќе со цел подобро да се истакне Исусовата мака и смрт. Верниците доаѓаат во црква за да размислуваат за Исусовата жртва, а преку обредите ќе присуствуваат на Служба на словото, ќе се поклонат на крстот и на крајот ќе се причестат.
Литургиската боја е црвена, боја на мечаништвото и победата, со што се нагласува дека овој ден не е ден на тага, туку размислување за смртта Христова како извор на нашето спасение. Велики Петок е ден за строг пост.
Денешниот обред на Велики Петок започнува со коленичење во тишина. После тоа следува читање за страдањето Христово, а секоја година се чита според Еванелието од Иван. После хомилијата следува соборна молитва, со што завршува Службата на словото.
Потоа следува поклонување на Крстот, односно најпрво крстот на свечен и достоинствен начин се прикажува на присутните верници: „Еве го дрвото, Крстот, на кое висеше Спасителот на светот! Верниците можат да се поклонат на Крстот или да го бакнат. Пожелно е тоа да го направи секој член од заедницата
Додека трае поклонувањето на Крстот се пеат песни со кои се воспева доброчинството кое Бог го направи преку својот Син за да го спаси својот народ, додека пак народот го предава да биде распнат на крст, му се потсмева, му дава да пие оцет, му ги прободува со копје ребрата.
Последниот дел од обредот на Велики Петок е причеста, која од Велики Четврток е зачувана на споредниот олтар, од каде се донесува. Обредот започнува со молитвата ‘Оче наш’, нема давање на мир, туку веднаш се пристапува на причест.
Обредот завршува со отпуст, а потоа верниците заминуваат во тишина. Тишина е во црквата и во срцата на верниците, тишина во која Бог зборува на оние кои се подготвени да го слушаат – Спасителот умре за нас смртните да не воведе во вечен живот.
Лаудато/к.мк