Ватикан дигитализира повеќе од 4,7 милиони фотографии од понтификатот на свети Иван Павле II
По повод 50-годишнината од изборот на свети Иван Павле II, на 16 октомври 1978 година, Дикастеријата за комуникација претстави амбициозен проект за дигитализација на својата историска фотоархива. Иницијативата има за цел да зачува, научно да обработи и да ѝ ја направи достапна на јавноста извонредната колекција од повеќе од 4,7 милиони фотографии, кои сведочат за папата што ја обележа современата историја.
Проектот беше претставен на 8 јули во салата „Маркони“ на Дикастеријата за комуникација и е дел од пошироката програма за дигитализација што Технолошката дирекција ја започна во 2023 година.
Уникатно визуелно наследство
Додека технологијата го зачувува видливото, на човекот му останува задачата да го одржи живо невидливото, односно споменот. Малку понтификати го обликувале колективното визуелно сеќавање толку многу како понтификатот на Карол Војтила.
Речиси три децении, фотографиите го придружуваа неговото папско служење, документирајќи историски средби, апостолски патувања и клучни моменти во животот на Црквата и светот.
За долгорочно да се зачува ова извонредно визуелно наследство за идните генерации, Дикастеријата за комуникација на Ватикан започна сеопфатен процес на архивирање, реставрација и дигитализација.
Дваесет и седум години понтификат во милиони слики
Архивата го документира 27-годишниот понтификат на свети Иван Павле II со неспоредлива големина. Таа опфаќа фотографии од 104 апостолски патувања и 146 пасторални посети, но и безброј аудиенции, литургиски славења и средби со луѓе од целиот свет.
Вкупно се зачувани повеќе од 4,7 милиони фотографии, импресивно сведоштво за понтификат со извонредно меѓународно присуство.
Самиот број на фотографии ја покажува и растечката важност на фотографијата во пренесувањето на папската служба до светот во последните децении од 20 век.
Од мало фото-студио до историска архива
Архивата има свои почетоци во 1977 година. За да се одговори на растечките потреби на ватиканскиот весник „L’Osservatore Romano“, било поставено привремено фото-студио во две мали простории, од кои едната дури се наоѓала под скали.
Од тие скромни почетоци, со текот на годините се развила една од најважните фотографски архиви во поновата црковна историја.
Реставрација, дигитализација и достапност
Проектот опфаќа неколку координирани чекори. Најнапред фотографските негативи дигитално се снимаат и научно се каталогизираат. Потоа следи уреднички избор на фотографиите, по што оригиналниот материјал професионално се реставрира и трајно се зачувува.
Кога е потребно, се преземаат и посебни конзерваторски мерки за да се спасат оштетените негативи.
Во проектот, покрај Дикастеријата за комуникација, е вклучен и Франческо Сфорца, долгогодишен ватикански фотограф и кустос, кој ги документирал понтификатите од Павле VI до Лав XIV.
Проектот има поддршка и од реномираниот центар за реставрација „Imagine Ritrovata“ на Кинотеката од Болоња, задолжен за научна координација и реставрација, како и од „Bucap“, чија технологија за дигитализација се користи за техничката реализација.
Зачувување на споменот во дигиталното доба
Освен техничката дигитализација, проектот има и големо симболично значење. Паоло Руфини, префект на Дикастеријата за комуникација, го опиша како израз на преминот од аналогниот кон дигиталниот свет.
Во време кога сликите силно го обликуваат културното сежавање, постои ризик спомените да исчезнат доколку не се зачуваат визуелните сведоштва.
Руфини нагласи дека современата технологија никогаш не треба да се користи одвоено од човечкото искуство и човечката интелигенција. Особено во фотографијата, човечкото око останува незаменливо.
Зачувувањето на делото на оние што биле пред нас е важно, затоа што иднината се гради и преку поглед кон минатото.
Уникатна дигитално сеќвање на Црквата
Дигитализацијата на фотоархивата на свети Иван Павле II создава уникатно дигитално сеќавање на Црквата.
Милиони фотографии што ја обликувале една цела епоха не само што ќе бидат трајно зачувани, туку ќе станат достапни и за истражувачи, медиуми и заинтересирани луѓе од целиот свет.
Тие остануваат живо сведоштво за понтификат што влијаеше врз историјата на Католичката црква и врз современиот свет.
Ватикан њуз/к.мк

