Бродот никогаш не смее да биде место на изолација

Бродот никогаш не смее да биде место на изолација

Во својата порака за Неделата на морето во 2026 година, кардинал Мајкл Черни се осврнува на предизвиците со кои се соочуваат луѓето во поморскиот сектор. Тој истакнува дека морето, кое со векови ги поврзувало народите, денес е обележано со несигурност, конфликти и страв.

Неделата на морето се одбележува секоја година во втората недела од јули и е посветена на молитва за морепловците, рибарите и пристанишните работници. Во 2026 година, темата е „Пристаништа на надежта, Црквата до морепловците“. По тој повод, кардинал Черни ја објави пораката „Повеќе од товар и трговија, човечкото лице на морето“.

Повеќе од професија

Кардиналот потсетува дека светот зависи од водните патишта, но зад индустријата стојат повеќе од 1,8 милиони луѓе. Нивната работа ги одржува економиите и заедниците ширум светот. Затоа, Црквата ги гледа не само како работници, туку како личности со достоинство.

„Секој морепловец има своја приказна и заслужува почит“, нагласува тој.

Самотијата зад хоризонтот

И покрај нивната важност, поморските работници често живеат во несигурност. Тие се соочуваат со опасности, долги одвојувања од семејствата и психолошки притисок. Иако технологијата напредува, чувството на осаменост расте.

Кардинал Черни предупредува дека човекот не смее да се сведе на дел од системот. „Бродот не смее да стане место на изолација каде луѓето се невидливи едни за други“, вели тој.

Морето нè поврзува

Животот на море може да биде пример за солидарност меѓу луѓе од различни култури. Морето нè учи дека сме поврзани и зависни едни од други.

„Океаните не ги разделуваат луѓето, тие ги поврзуваат“, истакнува кардиналот.

Грижата за морето е грижа за човекот

Пораката се осврнува и на еколошките проблеми. Загадувањето и прекумерната експлоатација ги загрозуваат океаните. „Кога океаните страдаат, страда и човештвото“, предупредува Черни.

Затоа е потребна заедничка одговорност за заштита на природата и достоинството на работниците.

Црквата е повикана да биде на бродот

На крајот, кардиналот нагласува дека Црквата треба да биде блиску до луѓето на морето. Таа е повикана да слуша, да утешува и да биде знак на надеж.

Преку своите служби, Црквата потсетува дека секој морепловец е ценет и никогаш не е сам.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот