Бракот во Светото Писмо (втор дел)

Бракот во Светото Писмо (втор дел)

Бракот во Светото Писмо, во Исусовите очи и промисла, се тема на ова размислување

Првиот дел од размислувањето за бракот, врз основа на Писмото, може да го прочитате на следниот линк.

Исус и Стариот Завет

Исус вели дека не дојде да го укине Стариот Завет (Законот и пророците), туку да го исполни. (Матеј 5, 7). Тој експлицитно ја потврдува вредноста на Божјите Десет заповеди. На прашањето на богатиот млад човек:„ Учителе, какво добро треба да направам за да имам вечен живот?” (Матеј 19,16). Исус му одговара да ги врши заповедите. На прашањето на младичот: „Кои?” Исус упатува на Десетте заповеди, меѓу кои: „Не прељубодејствувај” (Матеј 19,18).

Како Исус покажал што значи „да се исполни законот” во случајот со прељубата? Во Проповедта на гората, Тој вели: „Сте слушнале дека е кажано: ,Не прељубодејствувај’ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое” (Матеј. 5, 27-28). Затоа, тој сугерира дека заповедта не го забранува само злиот чин, туку и гревот во мислите, и она зло на кое се согласувам во моите мисли и во моето срце. Оти од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; (Матеј 15,19).

Исус за неразрешливоста на бракот

Исус јасно и недвосмислено вели дека не може да се прекине, кога еднаш ќе се утврди, валидна брачна врска. Исусовите зборови на оваа тема, Евангелијата ни ги донесуваат на четири различни места: „Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува спрема неа; 12. а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува.” (Мк 10, 11-12).

„Секој, што ја остава жената своја и се жени со друга, прељубодејствува, и секој, што се жени со напуштена, прави прељуба.“ (Лука 16,18) „Речено било исто така: »Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде развод«.. А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“ (Матеј 5, 31-32) “Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен поради прељуба, и се ожени со друга, тој прави прељуба; и оној, што ќе се ожени со напуштена, прељубодејствува” (Матеј 19,9).

Прашања за неразрешливоста на бракот

Зошто Исус бил прашан за развод и втор брак? Евангелието ни кажува дека прашањето го поставиле фарисеите „за да го искушуваат”. (Матеј 19,3 и Марко 10,2) Што всушност прашаа фарисеите? Тие не прашуваа дали е дозволено да се разведе од неговата сопруга, тоа Мојсеевиот закон под одредени услови го толерира. Во фокусот на прашањето се зборовите „за каква и да било причина”. Па, ако Мојсеј дозволил да може да се разведе маж од жена, но не дефинирал кога тоа може да се направи, во кои случаи тоа може да се направи?

Бидејќи Мојсеј споменува развод од жената ако сопругот „за неа открие нешто срамно” (Повторени закони 24,1), меѓу еврејските учители на законот, постоеле различни толкувања за тоа што би можело да биде „нешто срамно”. Построгата струја сметале дека единствено прељуба може да се потврди со сведоци. Либералните за возврат сметале дека ова може да се толкува многу пошироко, сопругот може да ја разведе својата сопруга практично “за секоја причина”. Тогаш “нешто срамно” може да биде и тоа кога тој ќе најде некоја поубава жена, дури и ако на жената и изгори ручек.

Одговорот на Исус е сосема изненадувачки: наместо да одговори на прашањето од кои причини може да се разведе од сопруга, тој одговара дека тоа не било дозволено никогаш, ниту од било која причина. Затоа, фарисеите инсистираат и возвраќаат со прашањето зошто тогаш Мојсеј го дозволил тоа. Исусови ученици биле уште позачудени поради зборовите на Исус на што кажале: „Ако е таков долгот на човекот кон жената, тогаш не треба ни да се жени?” (Матеј 19, 10)

Исус за причините за неразрешливоста на бракот

Исус објаснува дека Мојсеј дозволил, имено, може да се каже дека го толерира разводот “„Заради вашето жестоко срце ви ја напишал таа заповед.” (Мк 10,5). Со други зборови, тоа е тенденцијата на грев, што е последица на оригиналниот грев. Како што објаснивме во првиот дел, Бог постепено го подигнувал својот народ и во овој процес на подигнување привремено толерирал некои работи. Сепак, иако тоа сѐ уште не беше забрането, во Стариот Завет сепак се осудува разводот од жените, па така пророкот Малахија напишал: „Никој да не ја изневерува жената од својата младост. Ако, пак, ја напуштиш од омраза, вели Господ Бог Израилев, бесчестие ќе си навлечеш на облеката своја, така вели Господ Саваот. Затоа пазете го духот свој да не постапувате вероломно. (Малахија 2,15-16).

Како одговор на потсетувањето на фарисеите за толеранцијата на Мојсеј за разводот, Исус истакнува дека тоа било привремено и укажува дека „од почетокот не беше така” (Матеј 19,8). Значи, Бог не го создал така човекот, ниту така е создаден бракот, тоа се противи на природата на човекот и природата на бракот. Тогаш Исус цитира извадок од Книгата Битие од Стариот Завет што го разгледавме во првиот дел: „Од почетокот на создавањето машко и женско ги создаде. Затоа човекот ќе го остави својот татко и мајка и ќе ја земе присебе жената своја; И тие ќе бидат едно тело. Значи, тие веќе не се две, туку едно тело. Затоа, што Бог соединил, човек нека не раздвојува.”(Мк 10,6-9)

Што значи “поради блудништво”?

Можеби некои ги збунуваат зборовите „освен поради прељуба”. Дали ова значи дека Исус наведува услов под кој сепак е можно да се прекине брачната врска? Не, апсолутно не. Тој да зборувал за исклучок од принципот на неразрешливоста на бракот, ниту фарисеите, ниту пак учениците не би биле изненадени од неговиот одговор. Во тој случај се би се сведело на еден од одговорите што можеби го очекувале, како што објаснивме. Што значи грчкиот зборот porneia, кој е преведен како блудништво?

Се однесува на бракови кои се законски недозволени, главно бракови меѓу блиските роднини. Тоа веќе во Стариот Завет е забрането: „ Никој не смее да се доближува до сродниците по тело, за да ја открие голотијата нивна.” (Левит 18,6). Така, зборовите „освен поради прељуба”, кои се спомнуваат само во Евангелието на Матеј, но не во Марко, ниту во Лука, ниту во посланијата, не се однесува на прекин на валидна брачна врска, туку се однесува на прекин на врска која не е валиден брак и која не ни можела да биде валиден брак.

Брак и целибат „заради Царството Небесно”

Зборувавме во првото продолжение како Библијата зборува за природниот човечки повик на брак. Во Новиот Завет сретнуваме алтернатива, можност да не се тежнее кон брак и семејството. Сепак, ова не е отфрлање на бракот како нешто што би било лошо, туку во жртвувањето на едно добро за друго добро. Исус вели дека тоа е направено „за доброто на Царството Небесно” (Матеј 19,12). Затоа, тоа е одрекување од бракот и од семејството за да може лицето целосно да му се посвети на службата на Бога.

Чудо на свадбата во Кана

Не е случајно што Исус на почетокот на својот јавен живот првото чудо го направил на свадба (Иван 2,1 – 12). Прво, треба да се забележи дека не се работи за некоја сериозна болест или смрт, туку само за непријатност: „Немаат вино”. (Иван 2,3). Значи, Исус го направил Неговото прво чудо за да не ја расипе радоста на младата двојка. Второ, Исус го направил ова чудо поради посредувањето на неговата мајка. Трето, таа им рече на слугите: „Сè што ќе ви рече, направете! “(Иван 2,3). Ја барала нивната вера дека Исус ќе ја претвори водата во вино. Да не била таа вера, ништо не би се случило.

Деца

Иако веќе на многу места во Стариот Завет се посочува дека децата се благослов од Бога, Исус во тоа оди подалеку и подлабоко. Кога неговите ученици ги прекориле децата кога доаѓаат кај Исус, „Исус негодуваше” (Марко 10,14) и им рече да не ги спречуваат. На друго место тој вели: „Кој прими едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Мене Ме прима, туку Оној, Кој Ме пратил“ (Марко 9,37) Така, изедначувајќи го односот кон децата со однос кон Бога, Исус јасно покажува дека децата се најскапоцени во овој свет.

продолжува

д-р сц. Иван Зелиќ/Жена врсна/Превод: Кате Меновска

Категорија: Вера, Семејство

За авторот