Божјата сила нѐ спасува од гревовите и слабостите

Божјата сила нѐ спасува од гревовите и слабостите

Секој човек би требало да биде свесен дека е слаб, ранлив и грешен. Никој не може да се спаси самиот себе, туку само Божјата сила може да нѐ спаси и излекува – рече папата Фрањо на светата Литургија на 16 јуни 2017 година служена во домот Света Марта.

Во својата проповед Светиот Отец се фокусираше на денешното прво читање од Второто послание на свети Павле до Коринтјаните, во кое апостолот го опишува таинството Христово како ризница во глинени садови.

Сите ние сме ранливи, кревки, слаби и потребно ни е излекување – рече Папата и продолжи: И самиот апостол вели: Во сè сме навредувани, но не сме притеснети; во тешкотии сме, не губиме надеж; нè гонат, но не сме изоставени; нè кутнуваат, но ние не загинуваме. И тука е нашата ранливост. Понекогаш настојуваме да ги прикриеме, замаскираме тие слабости никој да не ги види… Тоа е срамно прекривање, станува збор за лицемерие – предупреди Светиот Отец.

Освен лицемерието кон другите луѓе, постои и лицемерие кон самиот себе – рече папата Фрањо. Тоа се покажува кога се сметаме за силни, мислејќи дека не ни е потребно излекување, односно кога веруваме дека не сме „кревки“, дека не сме направени од глина, дека поседуваме „сопствена ризница.“

Станува збор за патот до суетата, горделивоста и себичноста на оние кои не се сметаат за глинине садови, кои бараат спасение и полнота во самите себе. Но, единствено Божјата сила може да нѐ спаси. Павле ја препознава нашата слабост: „Во сè сме навредувани, но не сме притеснети“ затоа што Божјата сила нѐ спасува. „Во тешкотии сме, не губиме надеж“, Бог ни ја дава надежта. Прогонети сме, но не напуштени; нè кутнуваат, но ние не загинуваме. Секогаш постои тој однос помеѓу глинени садови и силата, садовите и ризницата. Нo искушението е секогаш[ исто: да не се признае ранливоста, кревкоста. Тоа е лицемерието кон самиот себе – рече Папата.

Кое е решението на тој проблем? Апостол Павле го нуди следниот одговор: барај дијалог со таа ризница во глинени садови. За христијаните тоа конкретно значи, да се исповедаш. Но, притоа не се работи за тоа да направиме список на гревови или малку да ја разубавиме фасадата. Наместо тоа, треба да ја прифатиме слабоста и ранливоста, дури и ако е тоа тешко да се направи – истакна папата Фрањо.

Овде станува збор за срам кој овозможува отворање на срцето за во него да може да влезе Божјата сила. Тоа е свест дека сме глинени садови, а не садови направени од сребро или злато. А кога ќе дојдеме до таа точка, тогаш ќе бидеме среќни, многу среќни. Па, дијалогот помеѓу Божјата сила и садовите. Да се присетиме само на миењето на нозете, кога Исус му пристапува на Петар, а овој му одговара: Нема да ми ги миеш нозете никогаш! Што правиш? Петар не сфаќал дека е глинен сад, дека му е потребна Божја сила за да биде спасен – рече Светиот Отец.

Затоа е потребно во великодушноста да препознаеме дека сме ранливи, кревки, слаби, грешни. Само ако прифатиме дека сме кревки глинени садови, посебната Божја сила ќе дојде кај нас и ќе ни ја дарува полнотата, спасението, среќата, радоста што сме спасени, примајќи ја на тој начин Господовата „ризница“ – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот