Божиќна честитка на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија
Почитувани гледачи, слушатели, читатели браќа и сестри, христијани и луѓе со добра волја!
И оваа година, како и секоја друга, ми причинува радост што можам да ви се обратам со Божикна честитка и со Божикна порака.
Божик го празнуваме не само како ден кој го обележува раѓањето на Исус Христос во историјата, туку уште повеќе како ден во кој Исус Христос на таинствен начин се раѓа во нашите души и во нашите срца. Задоволството е посебно, зашто ви се обраќам во годината во која нашата сограѓанка Мајка Тереза е прогласена за светица на Католичката црква. Случување кое не е привилегија само за Католичката црква, туку е дар за овој наш и нејзин град, за нашата земја, а воедно дар и за целото човештво. Таа скромна жена од нашето поднебје го предупредува целото човештво, но воедно и го повикува на голема одговорност кон заповедта на ова време. Свесни сме дека живееме криза на вредности и дека во нашиот живот сè е релативизирано и многу тешко се снаоѓаме во шумата од идеи, науки и секаков вид на понуди. Оваа жена ни понуди силна светлина со која и покрај сето заматување во срцата и главите, сепак, можеме да ја препознаеме првата и најважна вредност, а таа е: да се биде човек.
Го празнуваме роденденот на Исус Христос како Богочовек, но Тој според своето таинство се идентификува со секого, а пред сè со сиромашното, беспомошното и отфрлено дете. Свeта Мајка Тереза нè потсетува дека да се љуби човекот значи да му се помогне тој да се спаси. Да се љуби таков, каков што е, а пред сè да се љуби сиромавиот и оној кој е на маргините на општеството.
Посакувам во овие божикни празници, сите вие да имате отворено срце и чувствителна совест за потребите на оние покрај вас кои имаат право на човечко достоинство, да им помогнете. На тој начин нека Исус низ вас и овој Божик се овоплоти, зашто некому сте му помогнале да биде и да остане човек.
Во таква атмосфера нека е благословен Божик, Божик на делотворна Божја љубов. Мир Божји – Христос се роди!
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк