Божиќна порака на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов

Божиќна порака на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов

Во среда вечер, 24 декември 2025 година, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов служеше полноќна божиќна света Литургија, на која ја упати својата Божиќна порака, која ја пренесуваме во целост:

И Словото стана тело и се всели меѓу нас, и ние ја видовме Неговата слава – слава како на Единороден од Отецот – полно со благодат и вистина (Иван 1,14).

Како католички христијани, ја завршуваме Светата Јубилејна 2025 година. Беше година на прошка и благодат од Господ, а јубилејна е затоа што го одбележува воплотувањето на Христос. „Јубилејот е година на помирување, преобраќање и таинствено покајание и, според тоа, на солидарност, надеж, правда и целосна  посветеност на служење на Бога во радост и мир со нашите браќа и сестри. Се нарекува Света Година не само затоа што започнува, се одвива и завршува со свечени свети обреди, туку и затоа што има за цел да ја промовира светоста на животот. Беше воспоставена за да ја зајакне верата, да поттикне дела на солидарност и братско заедништво во Црквата и општеството, да ги покани и охрабри верниците на поискрено и доследно исповедување на верата во Господ Исус Христос – единствениот Спасител“, како што е наведено во документот на Дикастеријата за посветен живот и општества со апостолска ревност по повод најавата за Јубилејната година. Бог се воплоти за да ни даде живот, не било каков, туку живот во изобилство. Тоа е Божјиот милостив дар за човештвото, кој како христијани треба да го пренесеме на другите, бидејќи Јубилејот е прослава на целиот Божји народ.

„Вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓа во светов“ (Иван 1,9), и таа Светлина свети во темнината (сп. Иван 1,5). Тука не се осврнуваме на никаква светлина со ограничен сјај, туку на вистинската светлина што го осветли секој човек со раѓањето Христово. И навистина, нашиот свет би изгледал поинаку ако не го гледавме во светлината Христова. Секоја личност би изгледала различно, бидејќи сите ние станавме учесници во чудесното достоинство на божикниот настан на воплотувањето на Божјото Слово и раѓањето на Исус Христос, вистинската светлина, „Бог од Бога, светлина од светлина“, како што се молиме во Никејскиот симбол на верата во годината во која ја славиме и 1700-годишнината од неговото објавување на Првиот Никејски собор во 325 година. Овие зборови се однесуваат на Синот Божји, Исус Христос, кој е едно со Отецот и кој е Бог. Тој стана тело, ја зеде нашата човечка природа, стана човек. Бог доаѓа на светот како човечко дете, се раѓа во Витлеем, лежи како човечко дете во јасли, вистински Бог и вистински човек. Тоа е нашата вера и без таа вера Божик не би имал никакво значење.

Затоа комерцијализацијата на Божик во предбожикното време на Адвент донекаде го замаглува нашиот поглед кон светлината, бидејќи потрошувачкиот менталитет ги принудува производителите да му се додворуваат на купувачот, така што од религиозна содржина нашиот поглед, мисли и чувства се насочени кон амбалажа, шарени декорации и сјајни хартии и реклами, наместо кон Оној кој е причина за нашата радост и среќа, бидејќи преку Него Самиот Бог брза да нè спаси и да ги насочи нашите стапки кон патот на мирот.

Со Своето раѓање, Исус го потврдува достоинството на секој човек на земјата, не само дел од личноста, туку целата личност, тело и душа со сè што ни припаѓа во нашето постоење. Бог ни дарува ново достоинство, достоинство на Божји деца, а ова достоинство не го прима само умот и душата, туку и телото и крвта. Тоа е голем дар од Бога за кој треба да бидеме неизмерно благодарни.

Сепак, се чини дека тешко ги совладуваме животните лекции, дека не знаеме доволно да го цениме овој Божји дар, но сме сведоци како постојано се влечеме низ калта, газејќи се едни врз други, без разлика дали станува збор за поединци или за нации. Сцени на насилство од улиците и градовите постојано доаѓаат во нашите домови, а омразата во војните го зема својот данок. Слики од воено разурнати области на Украина, Палестина, Нигерија и други делови од светот, киднапирања, убиства, пепел и крв, ни доаѓаат одново и одново. А потоа бројни претставници излегуваат со свои говори и размислувања за човечкото достоинство. Така, се носат некакви правни текстови, прогласи, политички манифести и размислувања за тоа што претставува човечкото достоинство, што навистина вреди да се спомене, но човек често се прашува какви мотиви стојат зад сето ова. Доброто на секој човек, без разлика кој бил и каков бил, доброто на секој народ, мал и голем, или е тоа некаков облик на сопствен профит и напредок, без разлика колку чини.

Нашиот свет навистина би изгледал поинаку ако го гледаме во светлината на Божик, каде што Бог го потврдува достоинството на секое човечко суштество. Исус, Синот Божји, одеше по земјата правејќи добро, среќавајќи луѓе и поединци, и во таа средба влијаеше на нив со тоа што фундаментално ги менуваше.

Драги браќа и сестри, додека го славиме Божик, да го препознаеме нашето достоинство. Да се залагаме за достоинството на секоја личност, секое човечко суштество од првиот миг на животот до последниот здив. Кој го нарушува достоинството на неродените и слабите, на оние кои сè уште не можат или повеќе не можат да работат и сакаат, тој го нарушува и сопственото достоинство! Како христијани, ние треба, заради Бога и човештвото, да стоиме таму каде што законските прописи сугерираат голема слобода, а всушност ги загрозуваат животите на старите и болните. Да не бидеме убедени или измамени од евтини клишеа. Никој нема право да прекине човечки живот. „Христијанине, признај го своето достоинство!“, рече одамна папата Лав Велики. Ова е достоинството на телото Христово, зашто Тој е глава на Црквата. Препознај го достоинството на своите ближни! И радувај се на тоа со сето свое срце! На сите исплашени срца, ангелот Божји им вели: „Не бојте се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ!“ (Лука 2,10-11).

Ви посакувам среќен и благословен Божик – Христос се роди!

Категорија: Вести, Македонија

За авторот