Припаѓаме на генерација која не мисли на иднината. Луѓето живеат за да уживаат во овој момент. Младите тоа го прават на неконтролиран начин; постарите на рационален и програмиран. А сите размислуваат вака: Зошто да се мачат некогаш да ми биде подобро? Зошто да се жртвувам за да си обезбедам вечност која е далечна и нејасна? Да уживаме во она што го имаме пред себе!
Таквата логика е логика на незрели. Одговорното живеење на овој свет бара да гледаме понатаму, да се подготвуваме за она што доаѓа. Дури тогаш ги имаме претпоставките за да станеме одговорни луѓе, луѓе способни да ја носат судбината на овој свет. А ако сакаме да ја освоиме вечноста мораме да гледаме понатаму, мора да се подготвиме за она што доаѓа.
Божиќниот пост нѐ повикува да созреваме во вистинска смисла на зборот. Во Божиќниот пост сме соочени со почетоците на новото создавање и со неговото конечно исполнување. Го славиме доаѓањето на Господ во тело, но се соочуваме и со Бог Кој ни доаѓа во пресрет, како во конкретниот живот, така и на крајот на времињата.
Синот Човечки сигурно ќе дојде. А кога ќе дојде ќе го отстрани нередот што во текот на својата историја го создал човекот и ќе ги исполни очекувањата на оние кои веруваат и се надеваат. Неговото доаѓање ќе биде неочекувано. Никој не го знае ниту денот ниту часот. Ќе дојде како што настапуваат катастрофите во нашиот живот: како што настапи потопот во времето на Ное. (…)
Но, оној човек кој секогаш настојува да ја исполнува Божјата волја, кој настојува да го гледа Христос во секој човек и својата љубов ја искажува на страдалниците и оние во неволја секогаш е подготвен за средбата. И за него средбата со Синот Човечки не е ден на катастрофа и смрт, туку ден за ново раѓање за вечноста.
патер Анто Лозук/РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк