Пред скоро 100.000 луѓе присутни на заупокоената Литургија за папата Бенедикт XVI, папата Фрањо во име на целата Црква, во проповедта со зборовите: „Оче, во твои раце го предаваме неговиот дух“ го предаде почесниот папа Бенедикт XVI во рацете на небесниот Отец.
Во оваа прилика поврзувајќи го папата Бенедикт XVI со Македонија и Црквата во Македонија сакам да истакнам дека после изборот за Папа, на 19 април 2005 година, а по смртта на дотогашниот наш Ординариј, монс. Јоаким Хербут, папата Бенедикт XVI, на 20 јули 2005 година дотогашниот помошен епископ монс. Стојанов, го именува за Ординариј на Скопската бискупија и Апостолски егзарх на тогашниот Апостолски егзархат во Македонија денес Струмичко – скопска епархија „Успение на Пресвета Богородица“.
Многумина од Македонија ќе се потсетат и на средбите со папата Бенедикт XVI кои ги имавме како Црква, посебно средбата на млади во Келн 2005 година, како и средбата на семејства во Загреб во 2011 година, a ќе останат запаметни и средбите со папата Бенедикт XVI во рамки на чествувањето на Свети Кирил во Рим.
Овие денови многу работи се искажани поврзани со папата Бенедикт XVI. Дефенитивно за еден таков врвен теолог и Папа, сигурно најзначајно лице во Црквата во последниот век, може да се зборува за него уште многу, а сигурно и ќе се пишува и цитира во теолошката литература, затоа што остави 66 книги, три енциклики и четири Апостолски поттици.
Но за жал, како што изјави кардинал Каспер во интервју за австрискиот Катпрес, Бенедикт XVI често беше погрешно разбран во Германија, а јас би додал и пошироко, но сигурно е дека тоа ќе се промени со текот на времето, како што ќе се остваруваат неговите теолошки анализи за Црквата, општеството и човештвото.
Согласно на неговото бискупско мото Cooperatores veritatis – Соработник на вистината – постојано без никакво двоумење ја зборуваше вистината и се спротивстави на „диктатурата на релативизмот“. Во една прилика јасно ќе каже дека „Бог е премногу маргинализиран. Во политичкиот живот изгледа речиси е непристојно да се зборува за Бог, како да е напад на слободата на оние што не веруваат. Политичкиот свет следи свои норми и патишта, исклучувајќи го Бог како нешто што не припаѓаат на оваа земја. Исто е и во светот на трговијата, економијата и приватниот живот. Бог се остава настрана. (…) Општество во кое Бог е апсолутно отсутен, се уништува себеси“. Ете затоа беше погрешно „разбран“!
Папата Фрањо на 17 декември минатата година даде едно интервју за Шпанската мрежа АБЦ во кое на прашањето „Што најмногу цените кај него [Бенедикт XVI]“, одговори „Тоа што е светец. Тој е човек со одличен духовен живот“. Дека верниот Божји народ така гледа на почесниот Папа Бенедикт XVI, потврдуваат и транспарентите Santo subito, кои можеа да се забележат вчера на плоштадот Свети Петар во Ватикан.
Како и да е Црквата се прости од еден голем учител на верата и воедно понизен слуга во лозјето Господово и го предаде во рацете на Отецот небесен.
Ти благодариме папа Бенедикт за верното служење на Црквата!
го*ко/к.мк