Бискупот Стојанов ја предводеше Литургијата на патрониот празник на Пожешката бискупија

Бискупот Стојанов ја предводеше Литургијата на патрониот празник на Пожешката бискупија

На празникот Свети Лаврентиј, 10 август 2018 година, заштитник на Пожешката бискупија и бискупскиот Каритас, на отворен простор пред Бискупскиот дом во Пожега во непосредна близина на црквата посветена на светецот, централното евхаристиско славење го предводеше Скопскиот бискуп и епископ Струмичко скопски во заедништво со месниот бискуп Антун Шкорчевиќ, членови на катедралниот каптол, повеќе од четириесет свештеници од централните бискупски установи и парохии од градот Пожега и околината.

На почетокот од прославата бискупот Шкорчевиќ ги поздрави присутните верници и им го честита празникот заштитник на Пожешката бискупија.

Во својата проповед бискупот Стојанов истакна дека Втората книга Макавеи сведочи за најголемата вредност на човечкиот живот, а тоа е да се зачува верата на татковците во Бог и љубовта кон својот народ, па и по цена да се жртвува сопствениот живот, како во тешките времиња на прогонства. Тој нагласи како што верата во Бог била идентитет за избраниот народ во Стариот завет, така верата е идентитет и за секој христијански народ и дека со уништувањето на верата се губи народниот карактер. Тоа добро го знаеле тогашните и сегашните тирани и моќници и затоа во историјата настојувале да уништат поедини луѓе и цели народи, на тој начин што во нив ќе ја уништат секаков белег на верата (…)

Зборувајќи за свети Лаврентиј рече дека тој се воодушевил за Христос, ја примил милоста на верата и бил вброен меѓу ѓаконите на Римската црква. За него Бог не бил само на прво место, туку за него Бог бил сѐ. Од таквата негова определба за Бог, тој не се плашел да стане пченично зрно за кое Исус зборува во денешното евангелие, кое е положено во земја, мора да умре како би израснало во плоден клас.

Завршувајќи ја хомилијата бискупот Киро ги повика присутните мајки и сите останати при сведочењето на верата да бидат храбри како мајката Макавејка, и верни на црковните поглавари – папата, епископите и свештениците – и во служба на оние во потреба да бидат предани и ревни како свети Лаврентиј. На сите им посака присуството на моштите на блажениот Алојзие Степинац во црквата свети Лаврентиј постојано да ги поттикнува да бидат силен сведочки знак за вистината на Црквата и општеството во Хрватска и оние во дијаспората.

На крајот од литургиското славење бискупот Шкорчевиќ се заблагодари на бискупот Стојанов за неговата пожртвуваност и патот кој го помина за да дојде во Пожега, како и за силното толкување на Божјото Слово и поттикот упатен до верниците. Тој напомена дека свештеници од Пожешката бискупија во скоро време имаат намера да одат на поклонение во Скопје и на други места во Македонија, каде христијанството има оставено длабоки корени, како и да го посетат бискупот Киро и верниците од неговата бискупија, на тој начин да посведочат за заедништвото на верата, надежта и љубовта во истата Исусова Црква и да ги охрабрат во нивното послание.

к.мк

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот